За тенката врска помеѓу традицијата и љубовта – ЧЕСТ, Елиф Шафак

Наместо со турски серии, 
полнете ја душата со квалитетна турска литература!
 

Само што ги испративме мексиканските сапуници, пристигнаа нови, турски серии, кои се шират со брзина на светлината низ сите канали. Со навлегувањето на турските серии во телевизиското мени, љубителите на пишаниот збор, трагачите жедни по знаење за обичаите, верите и другите култури, можат исто така, слободно да се нурнат во истражувањето на турската книжевност. Драги читатели и читателки, Ви ја претставувам Елиф Шафак. Таа е една од најчитаните современи турски писателки. Шафак пишува на турски и на англиски, а нејзините книги се преведени на повеќе од дваесет јазици. Во нејзините дела се провлекуваат темите на мултикултурализмот, хуманизмот, родовите права и суфизмот.

корица


 

Во романот Чест станува збор за две сестри близначки, Џамила и Пембе, родени во Курдско село, место каде честа е пред сѐ останато. Тие функционираат како антиподи, кон кои нема да останете пристрасни до самиот крај. Двата лика имаат различни карактери. Пембе емигрира со маж ѝ Адем во Англија, а Џамила останува во селото и работи како бабица.Пембе има три деца: Искендер, Есма и Јунус, на кои се труди да им обезбеди подобра иднина и удобен живот. Син ѝ, Искендер, на крајот ќе убие поради чест, но кого? Тоа нè остава во неизвесност до самиот крај.

Шафак во ова дело се обидува да се оттргне од стегите на традицијата на Истокот и да ја стави љубовта во прв план. Таа сака да нагласи дека жената е многу повеќе од суровото дефинирање, коешто го наметнува традицијата. Авторката има посебен и уникатен стил на пишување. Со извонредните детали за приказните на ликовите во нејзиното дело, можеме самите да ја процениме нивната психологија, емоции и вредности. Главната одлика што го прави ова дело исклучително интересно е фактот што нема хронолошки ред на настаните, па затоа Шафак постојано нѐ навраќа од почетокот на крајот, и ние со голем интензитет ги голтаме страниците, желни за нови епизоди, кои даваат можност да читаме низ редовите. 

корица


 

Романот Чест е многу поразличен од останатите дела на Шафак, бидејќи е опфатена посериозна тема, темата на чесност, покорност и чистота на жената, со која се среќаваме и ден-денес. Со сигурност романот се издигнува од тривијалните, полесни за пишувување, романи на Шафак, како што се 40 правила за љубов и Копилето од Истанбул.

Шафак на умешен начин ги открива светлите и мрачните страни на љубовта: „Уште на почетокот во неа гледаше едно чудо противречности. Гледаше колку е несигурна, дури и кршлива, а сепак, под овие пластови се криеше издржливост-нишка на храброст, жилава дури до безочност, што се испреплетуваше низ неа. Сѐ беше замрсено. Во нејзиниот поглед се среќаваше ѕвездената светлина што ја гледаше во мајчините очи како дете и што оттогаш не ја видел кај никој друг. А сепак, постојано присутната меланхолија фрлаше некаква сенка врз неа и делумно токму тој необјаснив чемер кај неа го плени.“ (Шафак, Скопје, Три, 320-321)

Шафак сака да ја смени перцепцијата на читателите, за тие да ги прошират своите хоризонти и да навлезат подлабоко во културата на Исламот. Писателката сака да докаже дека секоја жена може да љуби по втор пат, без да биде „ветена“ на еден маж во својот живот. Потем, имањето на деца – не е нешто коешто не и дозволува на жената да најде нов партнер, имањето на деца – не ја оцрнува „чистотата“ на жената. Прашањето за честа на жената е тема којашто во Турција е актуелна сè уште. Ако го љубите читањето и експериментирате со нови автори, тогаш овој роман е вистинскиот избор.

 

Марта Стефанофска


Ranti | 15.04.2016 | twitter