Станка Храстељ

Станка Храстељ ја запознавме на саемот на книга на штандот на Готен. Ведра, расположена и малку замислена. Во Скопје е на едномесечен творечки престој, како прва гостинка за 2016та година на резиденцијалната програма за книжевници, која оваа година се одвива под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје.

Формално за неа можеме да кажеме дека е добитничка на неколку значајни словенечки награди. Во 2001 година е прогласена за најдобар млад поет на Фестивалот Уршка. Во 2007 година ја добива наградата за најдобра дебитантска книга. Во 2009 година влегува во финалето за Книга на годината на Друштвото на писатели на Словенија, а нејзиниот дебитански роман, Како на филм ја освојува наградата Роман на годината. Освен со пишување, превод и критика, Станка Храстељ се занимава и со современ дизајн на керамика. Во Скопје таа ќе работи на својот нов роман, Првата дама, историска  фикција инспирирана од библиската приказна за Кралот Давид и неговата супруга Бетшеба. Од првите назнаки на авторката, тоа ќе биде женско писмо концентрирано на чувството на вина на кралицата поради нејзиниот мртов сопруг.

Книжевниот интерес на Храстељ се недоволно истражените аспекти на човечката психа и општествените табуа: болестите, самоубиствата, абортусот, старечката деменција.

Стилот на пишувањње на Храстељ е необичен и модерен. Таа пишува кратки, фрагментарни поглавја, инспирирана од денешната модерна комуникациска технологија (смс пораки, фејсбук постови, твит пораки).

Резиденцијалната програма за книжевници е под мотото „Апсолутно модерен“,  е во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на мрежата Традуки и градот Скопје.

Претстави се на македонската публика:

Има една анегдота – во љубљанска кафана, каде се собираат поети, еден се качил на маса и рекол: „Јас сум најдобриот словенечки поет!“ Потоа се качил и друг и рекол „Не, јас сум најдобриот словенечки поет“ Дошло до расправија, затоа што секој го тврдел истото, секој сам се прогласил за најдобриот поет. Да ја скратам приказната и да го кажам фактот: јас сум најдобрата словенечка поетеса, хе, хе, хе

 

Станка Храстељ©Сашо Алушевски


 

Можеш ли да се претставиш преку дрвата вткаени во својата животна приказна и како тоа серефлектира врз  твојот живот и работа?

Да, целата сум дрвена. Беше еднаш. Живеев во крај кој добил име по леска, во улица која се нарекуваше по брезите а во презимето имам даб. Спроти мојата куќа почнуваше шума и таму одев секој ден, да се дружам со шумските суштества, понекогаш и ноќе. Но повеќе од природата, моето пишување го одредува животот во мал град, во мала средина, нејзиниот провинцијален менталитет, атмосферата која ме опкружува.

Менталните болести и самоубиствата на моите роднини, а од друга страна и „невидливите“ особи, на изглед безначајни а во суштина големи. На пример, домарот Анте од моето основно училиште, кој, кога умираше од рак, се претвораше во чиста љубов. Мали големи нешта...(без страв-мојот работен алат не е патетика туку иронија).

Што те радува во животот?

Без творење тешко би преживеала

Што значи да си писателка денес?

Освен тоа што се се подолги периодите кога немам(е) ни за бурек, дел од „работата“ се и резиденции, читања, настапи, каде сретнуваш многу посебни луѓе – уметници, интелектуалци, се дружиш со нив, разговараш, менуваш мислења, ги откриваш и доживувуваш нивните индивидуални светови....влегуваш во сите тие близини, кои те, кревка душа, стално те спасуваат од остатокот од светот.

Што значи да си авторка од Словенија, во глобален контекст во кој што доминираат големите јазици?

Доминираат по старост и квантитет, по квалитет не-нужно. Големите јазици ја држат таа супериорна позиција, својата книжевност ја гледаат како сериозна, проверена низ традицијата, а малите јазици ги толерираат: им даваат право на постоење, но исто така и им даваат до знаење каде им е местото. Авторите кои творат на малите јазици секогаш ги тапшаат по рамо, како се добри-со оглед, дека творат на словенечки, македонски, каталонски ... во нивниот код на квалитет малите јазици едноставно не се вклопуваат. И дури се и уверени дека нивниот поглед е неутрален.

И уште нешто. Секој писател/поет со тоа искуство може да види, што всушност значи да се биде женски писател-писателка. Златниот венец на струшките вечери на поезијата се доделува од 1966та година – а колку жени ја добиле таа награда? Десанка Максимовиќ и Nancy Morejon. Четири проценти. 

 

Поетско читање на Саемот на книга-Станка Храстељ © Сашо Алушевски

 

Како дојде до тоа да пишуваш на специфичен начин, користиш кратки изразни форми, како твитови, смс-и, сленг. Дали тоа е начин да се справиш со новиот доминантен јазик (форма на комуникација) или е влијание од поезијата? Или нешто сосема трето? И како дојде до тоа?

Мојот прв роман, после две збирки поезија е доста краток. Но, некои реченици се влечат и преку неколку страници. Мојата хероина пати од шизофренија, а јас сакав таа болест да ја покажам „одвнатре“, во начинот на нејзиното размислување и говор.

Да, сите ние сме дел од сегашноста, а тоа е време на куси пораки, смс-и, твитови, ФБ. И краткотрајно внимание. Така што стилот на мојот нов роман е комбинација на денешниот начин на комуницирање и моето поетско пристапување на пишувањето. Сега потенцирано работам на фрагментирање, на згуснување на текстот. Правам мозаик на многу куси поглавја, микро приказни кои дури во поголема форма добиваат облик на една, комплексна приказна.

Би ни дала малку зачин од новиот роман? За што всушност се работи?

Значи, морам да сум кратка. Главни ликови: кралот Давид и неговата сопруга Батшеба (ликови од Библијата). Време и место: сегашност, Словенија. Тема: автодеструкција (заради грижа на совест). Парадигма: за морален компромис нема оправдувања. 

Мислиш ли дека женскоста во нејзината суштина се менува во текот на оваа нам позната историја?

Дали постои женскост во нејзина суштина? Католичката црква вели, дека достоинството на жената е во нејзиното мајчинство или девственост. Следејќи ја таа логика јас не сум женствена, не сум достоинствена, затоа што сум во брак а немам деца. Каква глупост! Со таа енциклика - Mulieris dignitatemкатоличките мажјаци воглавно се согласуваат, но исто и жените... Како општеството ја гледа жената, така таа се гледа себе. Општеството е компактно и генерално гледано не постои машки и женски поглед.

Женскост како таква, женскост „per se“не постои. Се одредува нашиот поглед кон жената. Да, тој, во текот на оваа, нам позната историја се менува. 

 

 Пјер Џ. Мејлак и Станка Храстељ, на штандот на Готен © Сашо Алушевски


Како сега, во овој момент мислиш дека ќе го запамтиш својот престој во Скопје?

Кога влегов во музејот на современа уметност, прво нешто кое го забележав беше цитатот на Jean-Paul Sartrе: „Skopje […] is a concentration of man's struggle for freedom, whit a result which inspires further struggles and no acceptance of defeat.“ На улиците на Скопје неговата мисла се материјализира...Тоа секако ќе го запамтам, да, а уште повеќе нешто другп. Како луѓето, со кои овде се дружам, прават многу повеќе од нивните должности, многу повеќе од тоа за што се платени. Затоа што им е важно. Тој modus operandi (или дури vivendi) Европа помалку или повеќе го има изгубено…

Ти благодарам Станка. 

Со Станка Храстељ ќе можете лично да се запознаете на  поетската вечер, која ќе се одржи во сабота, 23 април, во 20часот, во кафе книжарница Магор.Повеќе за тоа ОВДЕ


hakfin | 21.04.2016 | twitter