ЈОВ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

МАКЕДОНСКА ТЕАТАРСКА СЦЕНА -  П Р Е М И Е Р А

БИТОЛЧАНИ СО „ЈОВ“ НА ВЕНКО АНДОНОВСКИ

 ВО  ДРАМСКИ ТЕАТАР – СКОПЈЕ

 

Најновата премиера во оваа година во Драмски театар – Скопје изведена по драмскиот текст на Венко Андоновски  - се' попродуктивниот македонски драмски автор, овој пат помина преку соработката со режисерот Сашо Миленковски но и со коавторскиот придонес на уште еден битолчанец, ликовниот уметник, сценографот Владимир Симоновски којшто овој пат е потпишан на целосниот дизајн на праизведбата на “ЈОВ“, првата премиера на во оваа година на театарската куќа од Карпош.


 

 

Пред публиката, еминентниот романсиер, критичар, колумнист и драмски писател Венко Андоновски – добитник на најпрестижната награда во балканските книжевни простори - „Балканика“ за романот „Папокот на светот“ (во 2001 г.) последниве години како исцело да и'се посвети на драматургијата. Така по признателната „Генетика на кучињата“ - која на Македонскиот театарски фестивал “Војдан Чернодрински“ (2012 год.) беше прогласена за апсолутен победник безмалку во сите категории - Венко Андоновски со најновиот текст, им се навраќа на темите и мотивите така успешно исползувани во неговото постмодернистичко проследување на вредностите на идеите на нему приличниот француски филозоф и енциклопедист Волтер – врз кои од драмската лабораторија на овој маркантен македонски писател излегоа култните и долго-играните претстави, исто така во продукција на Драмски театар;беа тоа: „Кандид во земјата на чудата„  (2006 г.) и „Кинегонда во Карлаленд“ (2009 г.) кои исто така како режисер ги потпиша Сашо Миленковски.

             Така од своето посветување на драмското творештво, кое најпрво отпочна со адаптација на неговите осведочени прозни дела, овој расен раскажувач во последниве години како исцело да и'се посвети на драматургијата, преку неговиот познат и препознатливпост-модернички книжевен ракопис и светоглед. Неговата книжевна зафатнина – осведочена и од/со  најновата праизведба на „ЈОВ“ , речиси не остави теми и прашања од современата општествена реалност кои не ги „прикажа“ на сцената, со целата доследност на критичарско-есеистичко умеење но и остро перце на жестоко рационален колумнистички резон и опсервација.Се чини оттаму и успехот на двете хит-престави “Кандид...“ и “Кинегодна...“ кон кои со своја авторска и причино-последична аргументација, ја приложува драмската студија „ЈОВ“ , како трет дел од своевидната трилогија, и секако и заради тоа повторно и по третпат како режисер се јавува Сашо Миленковски, сценскиот хит-мајстор на трите претстави.

 
 
 

 

Авторот, режисерот и сценографот (или авторот на дизајност) на претставата „ЈОВ“- третиот дел од спомената трилогија, знаат дека библискиот лик Јов, во секој поглед е различен од Волтеровите ликови, но сепак инсистираат на врската меѓу трите текста, држејќи се за филозофската премиса дека понекогаш и бесмисленото истрајување на некоја позиција знае да има смисла. Создавајќи го овој свој сценски проект и потпишувајќи го авторот Андоновски, во голем дел им ја остава слободата на избор на режисерот и апсолутно најмладата екипа на актери на Драмски театар – да ја изберат естетиката и јазикот, стилот на оживување на овој сценски проект на најдобриот и најадекватен начин, за што при сета отвореност/податливост на фрагментарната драматургија и цитирање им се дава можност на слобода на игра и интерпретации, комичност со се'и преку се' што им го овозможува инвентивната режија, која и покрај различноста на трите текста –од условната трилогија, се води и го бара заедничкото во сите нив, а тоа е своевидната актуелизацијата и критичката опсервација на општестваната реалност – но овој пат не останувајќи само во македонскиот контекст и евро-просторот, туку инсистирајќи на глобалното, па и понатаму...

            Во таа насока, се чини дека сценографијата на Владимир Симоновски и вкупниот дизајн на сите ликовни и визуелни знаци е исправена пред наоѓање на решенија кои секако ќе кореспондираат со режисерскиот ракопис на Сашо Миленковски, кој ја следи својата проверена постапката од претходно споменатите претстави, па во делот на костимографијата и самиот Симоновски како да го прави тоа.Но кога е во прашање сценографијата тој останува поблизок во читањето на текстот и барањата на Андоновски, а тоа е филозофското, библиското, глобалното проникнување. Инсистирањето на тоа дека и Јов е само човек – и тоа крајно доследен на своите принципи – во ова недоследно време, а дека и земјата е само (една) ѕвезда –искажано на латински (terra est stella) со која завршува претставата, и авторот и режисерот му овозможуваат на сценографот Симоновски да го извлече својот главен сценографски адут валчестиот планетарен крст – кој во текот на целата претстава се ниша и тркала, а кој како комплетен/тежоктерет му е закачен на “верното“ суштетсво ( куче?) со дебел синџир околу врат –да го влече и придвижува токму Јов, исмејаниот Јов доследниот/принципиелниот кон љубовта и вербата (во Бога).

 
 
 


Кај младата актерска екипа од осум актери: Игор Стојчевски, Соња Стамболџиоска, Филип Трајковиќ, Златко Митрески, Игор Георгиев, Александра Павлова, Емилија Мицевска и Благица Димитровска – која со својата игра предадено се вклучува во претставата, во секој одделен пасаж публиката знаеше да го открие даровитото и убавото – и така и го наградуваше.

            Авторите на музиката, Венко Серафимов и кореографијата, Валентин Апостоловски исто така се дел од тимот во создавањето на овој сценски проект.

 

Љубомир ГРУЕВСКИ


hakfin | 25.04.2016 | twitter