Ерина Богоева

Неодамна ви најавивме за изложбата на Ерина Богоева. Повеќе информации за Ерина и за изложбата можете да видите во ВЕСТИ.

Бидејќи нејзиниот креативен потенцијал е толку очигледен а она што го работи едноставно инспиративно, ова интервју го направивме со уживање:

 

П.ат: За почеток, која е Ерина Богоева, покрај тривијата во официјалната најава?

Е.Б: За почеток, ова е најтешкото прашање веројатно. Ерина Богоева себеси се препознава како мала црвенокоса (по избор), најчесто облечена во црно со голем афинитет кон уметноста, особено во отсекот на гласна музика и мрачна фотографија. Почитувам добра храна, патување, мачки, како и ликот и делото на Едгар Алан По. Мислам дека тоа би било во кратки црти.


 

од Животот на улиците низ Европа © Ерина Богоева


 

П.ат: Што те исполнува во животот?

Е.Б: Веројатно оние универзалните вредности и моменти: смеата и љубовта - без разлика дали тие се поттикнати од луѓе, случки, места, дела... Тоа се работите кон кои тежнеам за да постигнам некое убаво постоење.

 

П.ат: Како стигна до фотографијата или како фотографијата дојде во твојот живот?

Е.Б: Уметностите некако ми се провлекуваат во животот откако паметам. Прво нешто беше пишувањето поезија, па музика со примеси на поезија, па тоа премина во некои визуелни уметности и на крај околу завршувањето на моето средно образование се појави фотографијата и остана како најдоминантна од тогаш.

П.ат: Кој и каде ги гледа твоите фотографии?

Е.Б: Скоро секојдневно сум активна на инстаграм, бидејќи мобилната фотографија ми отвори многу нови хоризонти за тоа што значи фотографија во динамичната денешница. Но, како фотограф сум присутна и на Facebook, 500px и Behance.

 

 
 © Ерина Богоева


 

П.ат : Имаш омилена алатка со која  што фотографираш?

Е.Б: Со мобилен фотографирам само за на инстаграм. На другите профили фотографиите ми се направени исклучиво со фото апарат. Само фоткањето со мобилен овозможува готов продукт за многу пократко време, па затоа, моментално сум најмногу активна преку него.

П.ат: Ќе ни кажеш повеќе за изложбата?

Е.Б: Поставката е материјал кој спонтано се собиралод 2011година,на патувања низ Европа и кој пред извесно време почна да прави една целина. Делата зборуваат за животот низ улиците на Европа. Тој живот може да е и самотен, може да е во толпа, а може и да е самотен додека сме опкружени од толпа. Тоа се приказни на случајни минувачи кои ме инспирирале да раскажам некоја своја приказна преку нив.

 

 
од Животот на улиците низ Европа © Ерина Богоева

 

 

П.ат: Што сакаш да покажеш со твоите фотографии?

Е.Б: Во секоја уметност, она што ме фасцинира се дела кои секој може да ги протолкува на различен, издржан начин. Дела кои будат различни идеи и инспирации кај различни луѓе. Така што и јас се трудам тоа да го постигнам низ моите фотографии.

П.ат: Зошто?

Е.Б: Зошто да не? „Стани промената која сакаш да ја видиш во светот“.

П.ат: Благодарам Ерина. Плагиј.ат ти ја честита изложбата и се гледаме таму!

 

hakfin | 11.05.2016 | twitter