АНТОЛОГ : Инкарнација на безнадежноста [Смртта вози ауди, Кристијан Банг Фос]

Дело: Смртта вози ауди
Автор: Кристијан Банг Фос
Издавач: Антолог
Едиција: Бранови
Превод од дански: Лара Крстева-Ичокаева

Смртта вози ауди е современ егизстенцијалистички роман. Што повеќе современост, тоа повеќе егзистенцијален очај. Современото доба е одредено од овој перманентен слободен пад, кој го дефинира и животот на главниот лик Асгер. Тој како и било кој млад човек (за млад тука подразбирајќи и маж од 40 години) живее на работ, каде секојдневните случувања се претвораат во своевиден социјален пекол. Секој е оставен сам. Слободен, а со тоа и на сопствена одговорност. Затоа Асгер е сѐ уште млад. Бидејќи обземан од апатијата предизвикана од животните премрежја не презема никаква одговорност. Ништо чудно. Тоа денес е природна состојба на секој млад човек. Завиен од проблемите чиј распон врира од љубовни, економски, па се до социјални и здравствени, современaта младеж е изгубена во социјалниот, економскиот, па и политичкиот простор, немајќи тло под нозете, или доколку го има, тоа е крајно нестабилно и во потенцијал да се распадне. 

Асгер донекаде се труди да биде одговорна личност, но понекогаш работите се случуваат надвор од тебе и без сопствена контрола, па тој ја губи работата, а и девојката. Тука започнува почетокот на крајот, кој како што се развива, делува дека нема крај.

Содржината нема да го промени значењето и нема да биде воопшто чудно доколку дејствието го ставите во локален контект. Доколку Копенхаген го замените со Скопје. Или конечно било кој европски град. Ова е универзална приказна за човекот на почетокот на новиот милениум, кој изгубен во системот (кој се уште се труди да опстане во континуираниот распад и својата очигледна дисфункционалност), се обидува да балансира помеѓу сопствените аспирации и се поголемата компетиција која ја наметнува истиот тој систем. Оваа приказна е производ на нашата цивилизација во изумирање чиј највисок идеал е лагата. 

korica


 

Приказната иако започнува во надолна линија и доста мрачно, во еден момент почнува да се развива со понормално темпо, со благ успон, а главниот лик повторно почнува социјално да станува функционален, приказната збогатувајќи ја со доста црн хумор. Тука се јавува и дружбата со Валдемар, уште една последица на тој систем и роб на фармацевтската индустрија, уште еден млад човек кој буквално се распаѓа во налетот на болесите кој го обземале неговото тело. Во таа своевидна професионална дружба се јавува извесна симпатија и спонтан однос кој резултира со патување кон Мароко, а романот во тој момент се здобива со road димензија. Тука повторно почнува нов заплет, нови перипетии, чудни случки, кои повторно би можеле да му се случат на секого од нас.

Тие двајца едвај чекаа да избегаат од својата средина, поточно од очајот кој таму владее, па затоа велат: - „На заминување од данска нѐ обзеде необично чувство на ослободување, како да сме избегале од Алкатраз“. Но практично тие со таа промена сакаат да избегаат само од себе, од своите животи или, во случајот со Валдемар, од своето тело. Основата и крајната цел за овој road trip е всушност исцелувањето на Валдемар, кој преку интернет пребарување доаѓа до името и адресата на овој исцелител во Мароко, кој во неговиот животот вдахнува малку надеж дека ќе го избави од овие земни маки во е окован. 

Во романот се испреплетуваат политички, социјални и духовни теми, на современ начин и блиски до денешниот вмрежен човек, а не е незабележлива и антиглобалистичката димензија. Покрај приказот на очајот во современиот западен свет, авторот дава и извесни решенија, во одредени сцени претставувајќи алтернативни облици на заедници и однесување како фриганите или пак Кристијанија, самопрогласената независна анархистичка населба. И оваа посета не останува без последици и дава поинаков тек на приказната и на животот на двајцата антихерои. Тие остануваат без пари, а тоа ги втурнува во нови пороци и икушенија, кој приказната повторно ја поместуваат на ново ниво, а нивните животи повторно се исфрлени од комфорт зоната. 

По сите перипетии тие некако и успеваат да стигнат до Мароко и до наводниот исцелител. И покрај целата желба и потреба на Валдемр да се сретне со него, тие уморни од целата патувачка агонија, почнуваат да се сомневаат во неговата веродостојност. Сепак изгледа како целото патување да е само бегство од таа социјално и економски руинирана европска средина. Потребата од постојано патување е потреба по дистанца од себе и од сето бреме кое го носиме со себе. Сите гревови, карма или пак духовен баласт.  „Кога седиш тука, тешко е да сфатиш дека истовремено постои живот и таму дома. Ми се чини како да се поминати сто години откако заминавме од Стентофте“ – вели Валдемар. Тие толку многу се дистанцираа од животот таму, дома, што веќе е бесмислено да се вратат. Затоа решаваат да продолжат понатаму со својот пат, незнаејќи ни тие самите каде точно да се упатаат. Само што подалеку од дома, што подалеку од себе.

Исцелителниот напиток станува неважен, а тука некаде низ пустината, потполно губејќи се, започнуваат и халуцинациите кој завршуваат трагично. Безмалку мизерниот живот на Валдемар, дополнително руиниран со патувачките перипетии, уморен, смртно болен и без пари, завршува по беспаќата на Африка, пронижан со барем искра надеж која се обиде да ја реализира неговиот пријател Асгер. И самиот Валдемар искрено потенцира: - „Мислам дека во иднина само оние луѓе што имаат многу пари ќе можат да живеат вечно“, доаѓајќи со таа изјава до ултимативната вистина на современото доба, до која доаѓаат преку сопственото искуство. И двајцата, изгубени ликови, не успеваат да постигнат ништо освен со малку среќа, барем на кратко да се дистанцираат од својата реалност, а од друга страна да западнат во една апсурдна, комична, трагична, но возбудлива приказна.

 

Тони Димитров


Ranti | 19.05.2016 | twitter