OFFEST 2016: Badi Assad & Canzoniere Grecanico Salentino

Велат дека Badi Assad е Бразилска пејачка, сонгврајтерка, гитаристка, перкусионистка во џез и world beat жанровите, што се ова и да значи. Кога ќе ја прочитате нејзината импресивна биографија и што таа се свири/пее, не би можеле лесно да добиете впечаток за тоа што таа би правела на сцена, особено доколку треба да се одлучите на кој концерт на Off fest да присуствувате. Гледате жена со гитара на сцена и тоа можеби асоцира на некоја монотона фадо експресија која радо би ја избегнале и би дошле час подоцна за да го фатите вториот концерт, со што секако би направиле круцијална грешка, особено доколку сакате експериментирање со стиловите и инструментите. 
 
Ranti


 

Впрочем не се работи само за жена со гитара, туку за жена со гитара, микрофон, разно-разни гаџети, ефекти, семплери, нејзиниот сугестивен глас и многу самодоверба. Со овој концерт таа ја покажа нејзината љубов кон експериментирање и мешање на различни стилови. Од она кое најдобро и лежи а е во доменот на она што го нарекуваме world music, па се до современиот рок и поп. Со навистина голема моќ и сигурност свиреше по најлонските жици на гитарата, додека пее на малиот микрофон сместен до нејзината уста кој и дава мобилност и за експресија со нејзиното тело. Практично се работи за целосен перформанс артист кој на сцената дава се од себе, од својата музика, па се до својата грациозност и убавина. Експериментира со различни јазици и во текстовите, но и во изразот. Каверот на Sweet dreams на Eurythmics внесе свежина и го осовремени пристапот (како да не беше се ова доволно современо!?). А за крај комплетен перформанс во кој можеби најдобро се отсликуваше нејзиниот екстровертен карактер и експериментаторски потенцијал. Нешто што можеби не би можеле да го дефинираме со зборови, а секако би морале да го погледнете и доживеете. Иако не милувам перформанс и употреба на тело во уметничка експресија, ова беше можеби најцелосниот и најпрецизниот начин за тоа како еден перформанс би требало да изгледа. Пее, но и свири со буквално целото тело: од устата (создавајќи со гласот и ударите перкусии), со нозете, со гласот, со градите, вратот, со буквално секој дел на телото кој создава звук, за да создаде еден хомоген амалгам кој би можеле да го наречеме музика. Импресивно! 

hakfin


Доколку сѐ ова не ви беше доволно за една вечер, следуваше уште еден концерт со исто таква извонредна моќност како и првиот, овој пат со вклучување на целиот бенд. Canzoniere Grecanico Salentinoсе проект од Италија кој го свири она што се нарекува pizzica taranta, моќна ритмична фолк музика која вклучува ритуални транс елементи и која има за цел да исцелува. Да, токму така, да лечи и исцелува. 
 
hakfin


 

Во минатото музиката била дел од ицелувачките ритуали, а токму оваа векови стара музика која потекнува од Саленто е музика која го има тоа духовно својство. Pizzica taranta била свирена за да се излечат жртвите на tarantismo, состојба на физичка и емотивна болка предизвикана од каснување на отровна тарантула. Навистина моќен настап предводен од виолинистот Mauro Durante (кој помеѓу песните ги раскажува старите изворни приказни за потеклото на оваа музика), кој плени со музиката и пред се неприкосновениот глас на пејачите, но секако и со танцот, кој е еден од главните елементи во оваа специфична музика. Виолина, армоника, дајре, тапани, кој се претвораат во комплетен енергичен спектакл, полн со жар и страст.  Очигледно ова е она што се нарекува world music. И тоа во најизворната смисла.

 

Тони Димитров

 

Ranti


 

Ranti | 16.06.2016 | twitter