Селото Судиќ

Почнуваме со патеписи на Тања Кузмановска, која ќе ги објавува на својот блог и во нашава меана. Нејзиното отворање е за селото Судиќ. 

cropped-dsc_0204.jpg

 

Судиќ – селото од каде што потекнуваат моите прадедовци е за малкумина познато и по ништо особено значајно, освен можеби по нашироко прикажуваната тврдоглавост на неговите славни и неславни поранешни жители. Велам поранешни затоа што во последниве години овде битисуваат само две семејства составени од неколкумина старци и уште толку средовечни, сопственици на две стада овци, коишто упорно ѝ пркосат на модерната граѓанштина.

Се наоѓа десетина  километри северно од Штип, помеѓу Свети Николе, Пробиштип и Штип, некаде околу центарот на светот. До него се стигнува по тесен селски пат, асфалтиран пред петнаесетина години, едвај доволен да се разминат две возила од спротивна насока.

oktomvri 15 107

Сечејќи ги на  средина плодните житни пеонски полиња, минуваш покрај манастирчето св. Илија, и за кратко стигнуваш до селската чешма од која селаните со векови ги полнат вода бардачињата, иако е слаба и едвај протекува, сепак е студена и слатка.

селската чешма

Патот завршува пред црквичката света Петка, најстара во селото, во која бил крстен татко ми пред деведесетина години, неодамна реставрирана, но со зачудувачки убаво насликан иконостас.

селската црквичка св. ПеткаДоаѓаме до крајот на патот, но не и на нашето патување. Обиколени од три страни со ридови се подаваат куќите на височинките, распаднати од суровоста на времињата на миграција село-град, спокојно и свечено штурите ѕидови се сеќаваат на своите дамнешни мигови полни со живот. Меѓу урнатините имаме чувство дека сме на крајот на светот, но за миг подоцна се потсетуваме дека всушност овде минува античкиот пат Виа Игнација, сведочејќи за светлите периоди на селото.

И тогаш кога стигнав на местото каде што стоела старата куќа, кога стапнав на празниот простор, таму на местото на огништето, ме облеа некое ново, чудно чувство, како самата земја да ми зборуваше дека овде се моите корени…

И за што да продолжам да ви зборувам, дали за купот од ќерамиди сраснати со земјата, за грамадата камења останати од куќата на дедо ми, или за тешките старечки солзи кои се тркалаа по татковото избраздено лице кога подоцна разбра дека го нема каменот што стоел деведесет години на истото место, кој што го издлабил како дете и од кој си пиелa вода живината.DSC_0190

А овчеполските зајдисонца се приказна сама за себе, на крајот од денот ми подарија уште еден безвременски дар на природата, останав воодушевена без збор  следејќи ја последната игра на зраците кои се прелеваа во најчудни бои на хоризонтот.

Заврши моето враќање кон исконското, ми ги откри селото неговите тајни, само карпите од спротива ме повикуваа за уште една авантура, емотивно и духовно  доживување. Им се заблагодарив за поканата и им шепнав дека сега мора да се разделиме но ќе се видиме пак наскоро.

 

oktomvri 15 085oktomvri 15 089

 

DSC_0216DSC_0132DSC_0237DSC_0135DSC_0156 (2)DSC_0157DSC_0233DSC_0209ѕидиниполеDSC_0182DSC_0188

DSC_0192

Текст и фотографии: Тања Кузмановска, Везилкабисерна


hakfin | 24.06.2016 | twitter