Брждани

Брждани 6

Селото Брждани е десетина километри оддалечено од Кичево, оддесно од магистралниот пат кој води кон Демир Хисар и Битола. На 600 до 900 метри надморска височина во предел обрастен со дабова шума, поделено на три дела, расфрлани во маала се наоѓаат педесетина трошни кукички во кои живуркаат многу повеќе старци отколку деца.

Кој и да слушне за Брждани отпрвин ќе си помисли: село како и секое друго, оскудни услови за живот, далеку од градот, селаните од памтивек го обработуваат земјиштето и одгледуваат животни.

Пред 3 децении селото имало дискотека, а до пред неколку години имаше амбуланта, матично, пошта, но сега се останати само продавницата, игралиштето и училиштето.

продавницата во Брждани

Во продавницата секојдневно се збира одборот на селани кои седнати на пластичните столчиња, со чашка сливова ракија расправаат за тековните работи.

Игралиштето е домаќин на избор на Бржданска убавица – на времето голем културен настан во организација на списанието „Екран”, на кој учествувале вистински убавици од цела Македонија и се претставувале актуелните естрадни уметници. Сега тие времиња се останати само во сеќавањата на бржданци, настанот сѐ уште се одржува но со послаба организација. игралиштето

Училиштето е со мал двор обрастен со висока трева, со надворешно полско Ве-Це, внатре има две сопчиња во кои во мешани паралелки до петто одделение  учат десетина ученици собрани од околните села. Ќумбето на дрва е извор на топлина во студените зими, а изгниените даски и останатиот училиштен инвентар небаре се замрзнати во сцена од минатото.

љубов

Но освен изнесеното погоре, во Брждани сѐ е некако убаво. Природата не само што благословила со личнотија туку и со изобилство од род. Сѐ што гледаш овде остава силен впечаток. Билките и плодовите се необично големи, ѕвездите се поголеми и посјајни, па дури и луѓето се високи и силни како дабовите дрвја.

Најголем настан во Брждани, всушност и во сите села од овој регион, е празникот Водици кој се слави три дена. Селата се поделени на неколку крстови (фамилии) а секој крст е поделен на семејства кои секоја година по ред го менуваат кумството. Се собираат во селската црква посветена на св. Никола и ги капат крстовите ишарени со босилек, сребреници и црвен и бел конец, ги креваат идните кумови на раменици, а потоа кумовите ги благословуваат присутните. Од црква се збираат секој во својот семеен „Дом за светѝ Јон”, живнува селото, отсекаде се слуша музика. Скараните се простуваат, се јаде и пие, се игра и пее, а после цела година се прикажува кој што напрајл тие денови.

зимска идила

Во зима неколкуте стрмни патишта создаваат скоро професионални патеки за санкање. Дечињата со зацрвенети обравчиња и премрзнати рачиња прават ангелчиња а ние уживаме во симфонијата на паѓањето на меките снегулки и крцкањето на длабокиот снег под нозете. Дури и расеаните куќички гледани озгора се разубавуваат и заличуваат на новогодишни честитки.

зима

пролет во Брждани

Брждани има многу природни извори и кладенци, неколку брзи зборливи рекички протекуваат овде, се влеваат една во друга и ја создаваат Треска. Напролет раззеленува шумата и замирисува на влага и мајчина душичка, а ние се втурнуваме во потрага по диви јаготки. Бербата е богата, јаготките миризливи и сочни ни се топат во уста.

јаготки на сламкадиви јаготки

 

Летото е идеално за одмор и алтернативен туризам. Деновите се пријатни, а ноќите дури и студеникави. Поради многуте планини и шуми развиен е ловот, а од реките може да се улови и подготви вкусна пастрмка. Се збираат печурки и полжави и се печат на скара. Навечер се појавуваат безброј светулки и чудесно светкаат над ливадите.

печурки

 

 

Есента е најдарежлива – се збираат плодовите, се подготвуваат домаќинките за долгата зима и  од секоја куќа мами мирисот на печени пиперки од кои се прави вкусен ајвар и лутеница.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не е можно да не се вљубиш во овој крај, прекрасните моменти поминати овде длабоко се врежуваат и секој  што дошол овде се сеќава: Ех, сум бил јас во Брждани…

 

лето во БржданиБрждани 4Брждани 7Брждани 5БржданиБрждани 3Брждани 2Бржданско 3кон соседното селоБржданско 2Бржданско 4Бржданско

 

 

 

Текст и фотографии: Тања Кузмановска, Везилкабисерна

 


hakfin | 18.07.2016 | twitter