Антолог: БИВШИОТ ТАПАНАР, Херман Бриселманс - Воспевање на грдото

БИВШИОТ ТАПАНАР

Херман Бриселманс
Издавач: Антолог, 2014
Едиција: Бранови
Превод од Фламански: Ели Пујовска

 

Романот Бившиот тапанар  е огледало на нашата социјална стварност. Распад во движење од коeнема варќање назад. Приказната во ова безмалку перверзно дело на фламанскиот  писател (воедно колумнист и поет) Херман Бриселманс е потреба да се потенцира социјалниот трулеж и да му се вдахне естетска димензија. Колку е тоа „убаво“ зависи од нашата естетска профилираност и префинетост, или сфаќање на естетиката на грдото. Главниот двигател на нарацијата е широк спектар на политичка некоректност, хомофобични напади, силување, мизогинија, злоупотреба на деца, расизам, од кој ќе се згрози секој лево ориентиран пурист. Но, за жал, Бриселманс (говорејќи преку ликот Драјс кој е исто така писател) е сосема во право. Нашето општество е длабоко деградирано, испервертирано, изместено, а потребата од нивно потенцирање е основа на која се темелат телевизиските емисии, вестите, текстовите по евтините женски списанија, содржините по социјалните мрежи... Покрај тоа што го велича грдото, изместеното и настраното, романот изобилува и со невкусен, ретардиран хумор, кој не е воопшто смешен доколу не сте скоро еднакво ретардиран како и самите ликови во романот. 



корица


 

Социјалната тенденцијаза воздигнување на токму овој распад, во приказната ја доживува својата кулминација. Хуморот е црн, а случувањата бизарно реални. Тенка е линијата помеѓу дозата критика подметната под бруталниот хумори либералните општествени тенденции. Покрај сите недостатоци кои овие ликови ги поседуваат на своето животно кредо (раката на басистот е парализирана, гитаристот е глув, а пејачот е психопат сo оштетен говор), овие маргиналци од триесет и нешто, се слика и прилика на секоја современа тенденција, група, субкултура или движење, чија цел е да ги добие своите 15 минути слававо услови на руинирани традиционални вредности.

Накратко, Бившиот тапанар е приказна за своевиден панк бенд составен целосно од лица со посебни потреби кои се во потрага по тапанар, а за таа цел го собираат познатиот писател Драј да биде нивниот нов член. Намерата на овие хендикепирани музичари е да направат само една свирка со тоа што ќе учествуават на музички натпревар. За Драјс ова е единствена можност да добие инспирација за новиот роман и ја прифаќа понудата. Во таа потрага единствениот проблем е што овој писател нема хендикеп, па тоа што незнае да свири на тапани тие го земаат како предност т.е. хендикеп. Единствената песна која треба да ја усовршат за учество на овој натпревар е (крајно симптоматично) Mongoloid на Devo. Од друга страна одлучуваат бендот да се нарекува „Феминистки“, бидејќи четири музичари со посебни потреби се исто толку безвредни како група на феминистки.  

Иако оваа трагична приказна има среќен крај (тие успешно ја реализираат својата цел да настапат на натпреварот), сепак не е најсреќна пораката која овој роман ја пренесува за правецот во кој се развива општеството и потребите на луѓето. Доколу се продолжи со овој надолен развоен правец и социјални интереси, постои опасност од крајна деградација на општествените вредности и создавање генерација дебилчиња, кој слично како во филмот Idiocracy(или можеби емисијата Jack ass),ќе ја остават својата идиотштина како единствено наследство на овој свет.

Целата валканост може уште поизворно да се доживее и преку филмот–адаптација на романот, кој и покрај својата контроверзност собира и по некоја награда. За потербите на филмот музиката на „Феминистките“ е отсвирена и од фламанскиот панк бенд „Милионер“, кој заедно со извонредниот саундтрак, дава уште пореална слика за целиот овој општествен галиматијас.

 

Тони Димитров


Ranti | 30.09.2016 | twitter