Контракадар

Ова итервју е направено некаде во јуни 2016, во моментот кога беше готово, почна летната пауза за проекции, па еве, сега се навраќаме на приказната. Во дворчето на АКСЦ разговаравме со контракадраш(к)ите: Ирина Максимовска, Иво Бару и Стефан Петровски. 

Чувари на племенскиот дух. Чувари на митскиот оган, кој во ладните вечери го бодри и заживува духот на човекот и ја поттикнува креацијата. И ре-креацијата. Колектив за кој многумина би рекле дека е крајно утопистички. Ама еве, им веруваме, затоа што во денешно време се: невозможни да постојат! Колектив кој не само што почитува туку и грижливо  негува крајно спротивставени мислења, кој работи волонтерски, од мерак, во хоризонтална стуктура и негува консензус. Па мајку вам божјујели то могуче данас?!?



 
Контракадар © hakfin

 

Плагијат:  Ајде да почнеме со вообичаено прашање, што е Контракадар?

Контракадар: Контракадар е независна филмска иницијатива, која пред три години ја започна група на луѓе од и во Битола. Целта ни беше да организираме неделни филмски проекции, со организирана дискусија после проекцијата на филмот, за теми и прашања што ќе ги наметне филмот. Да се развива дебата, да се дискутира на одредени теми  кои не се застапени во нашето општество, да се развива критичко размислување кај луѓето кои доаѓаат на тие проекции, да се развива вештина за коструктивна дискусија, вештина на сослушување на туѓите мислења, аргументирано излагање на сопствените мислења и ставови. Да се створи клима која ќе помогне во градењето на посамосвесни и поактивни граѓани. Целата иницијатива е независна и базирана на волонтерска основа со хоризонтална структура и секоја одлука ја донесуваме заеднички и со консензус.

Од пред неколку месеци иницијативата се пренесе и во Скопје, со друга екипа, петнаесетина луѓе. Проекциите ги правиме во Кино Култура. Тој простор го користиме бесплатно, како што се и нашите проекции-бесплатни и отворени за сите заинтересирани. Целата иницијатива е базирана на неформална и  волонтерска основа. Не сме регистрирани како организација туку сме неформален колектив.

Еден од мотивите е да ја донесеме сензацијата на големото платно, особено за филмови кои не се интересни за големите дистрибутерски мрежи, постари а квалитетни филмови, филмови кои се вредни за гледање, да можеме да ги гледаме на големо платно. И да ги заинтересираме луѓето за темите и пораките на секој филм.

Сакаме и да испровоцираме одредени прашања, теми и дискурси кои не се поставуваат или дискутираат во нашето опкружување. Да дадеме можност да се чујат и тие прашања, да дадеме можност и да се чујат спротивставени мислења. Да дадеме можност да се размислува и зборува надовр од мејнстримот. Сите бараме промени, а промените доаѓаат од спротивставените мислења.

А од друга страна, ова е и еден начин како да се поврзат луѓе со слични размислувања на исто место.

Можеби една од најважните нешта е и тоа што нудиме и поттикнуваме можност, секој да го каже своето мислење во поширок круг на луѓе и да добие повратна информација за сопствениот став и гледиште од поголем број на познати и непознати луѓе со кои претходно споделиле саат или два, едно лично а сепак заедничко патување низ филмот. 

Плагијат:  Како и зошто ги бирате филмовите?

Контракадар: За разлика од малубројните кина кај нас, кои се водат само од заработката, ние не прикажуваме комерцијални филмови. Освен на неколку фестивали, на големо платно нема друга можност да се погледне квалитетен филм. 

 

Ирина Максимовска © hakfin


Плагијат:  Кои се вашите лични мотиви да сте дел од Контракадар?

Контракадар: Од потребата да се прави нешто за заедницата, од желбата да се прави нешто чија цел не е само остварување на финансиски профит. Гледам некоја повисока цел во целото ова. Отворање нови можности.

Едноставно да се доближи филмот до помладите генерации. Се помалку луѓе гледаат квалитетни филмови. Се повеќе луѓе гледаат ефтини серии, ефтини во смисла на квалитет на содржините што ги нудат. Сензационалистички содржини без подлабоки значења. А убаво е да се потсетиме на добрите филмови, на добрите теми, на хуманите пораки. А од друга страна, често после добар филм луѓето сакаат, после добар филм, да седнат со пријателите и да разговараат за филмот. Ние, се обидуваме тие пориви да ги канализираме во еден поширок круг на луѓе, да направиме атмосфера и да ги поттикнеме луѓето да споделуваат и меѓусебно да се поттикнуваат на одредени мислења и гледања на нештата. Особено ни е драго кога ќе се споделуваат спротивставени или различни гледишта и размислувања што е поттик за дискусија, затоа и се викаме дебатно кино.

И убаво ни е да ја споделуваме страста кон филмот со поголем број луѓе, тоа што го гледаме во филмот и како го доживуваме филмот.

Тоа се обидуваме и да го поттикнеме така што бираме филмови со различни теми: Култура, здравје, активизам, социјални прашања...

На почеток идејата да се користи филм како подлога за дискусија ми беше скрнавење на филмот, но потоа видов дека не сум во право. Филмот е навистина одлична база за групна размена на многу нивоа и по многу прашања.

Плагијат: Зошто воопшто сметате дека во денешно време е потребно да се прави ваква иницијатива? Денес скоро и да нема филм кој не ни е достапен за гледање, доколку сакам, ќе го симнам, а ако сакам да дискутирам за истиот, имам многу платформи каде тоа можам да го направам и да бидам прочитан и да прочитам коментари од многу повеќе луѓе од сите седум континенти. Зошто да доаѓам тогаш на ваша проекција?

Контракадар: Токму тоа е и една од целите и убавините на нашата иницијатива. Сакаме да го избегнеме отуѓувањето на седењето сам пред компјутер и чудното задоволување на социјалните потреби. Целта ни е да се видиме и да разговараме очи во очи. Самиот збор не е разговор, разговорот е и размена на енергија меѓу двајца соговорници. Друго е кога пишуваш. Тоа е смислено, не е импулсивна, автентична реакција. 

Сакаме да го имаме и она племенското, друштвеното кај човекот. Филмот ни е митскиот оган, а ние сме собрани околу тој оган. Стоиме и разговараме. Разменуваме. Споделуваме. До сега просторот не ни дозволуваше да го направиме тоа, ама отсекогаш сме замислувале тие дискусии да бидат во еден круг, кој симболизира еднаквост и заедништво. Во кината е често самата инфраструктура проблем. Размислуваме во паузата меѓу филмот и дискусијата во Скопје да ги разместиме столчињата во круг, а во Битола каде станува збор за класична сала со фиксни столчиња, секогаш гостите и модераторите се потпрени на бината а не стојат на бината или на некаква говорница. 

Плагијат:  Колку долго постои иницијативата?

Контракадар: Овој април, иницијативата во Битола наполни три години. Во тие три години сме имале по четири проекции месечно, секој четврток во Битола, и  сега, секој понеделник во Скопје, освен во периодите кога има фестивали, како Манаки на пример, или Скопски Филмски Фестивал, но и со нив се обидуваме да оствариме соработка да не паузира киното туку да функционира во рамките на самите фестивали, не ни е целта да сме им конкуренција на фестивалите туку сметаме дека имаме иста цел. Сепак не поврзува страста кон филмската уметност и промовирање на филмската култура.

Плагијат:  Како функционирате, како се организирате?

Контракадар: Секоја недела имаме состанок за следната проекција и носиме одлука кој ќе биде модератор, кој ќе биде технички модератор. Назначуваме „буцкач“ кој ќе ги потсетува, алармира и мотивира луѓето навреме да си ја завршуваат својата работа. И имаме човек кој ќе го прави преводот. Преводот на македонски го правиме сами. Тоа е една дополнителна вредност на Контракадар, имаме идеја во одреден момент тие преводи, бидејќи се квалитетни, да се стават некаде за јавна употреба. За проекциите во Битола до сега се направени над 100 филмови. 

 
 
(тата) Иво Бару © hakfin

 

Плагијат:  Кои се гостите на дебатните проекции?

Контракадар: Секој филм, секоја тема, секој гостин повлекува најразлична публика, на Името на Розата имавме возрасни луѓе, некои над 70 години, а недела дена пред тоа на Wall-e имаше деца од седум години. Сметаме дека големо богатсвто на Контракадар е тоа што немаме профилирана публика, напротив. Во голема мерка тоа се должи и на самата наша организација. Немаме јасна структура и имаме строга хоризонтална поставеност. По петнаесетина души и во Битола и во Скопје, од сосема различни возрасти, интереси, професии, носат своја енергија и тоа се препознава во нашата работа. Тоа и сакаме со самото име на иницијативата да го истакнеме. Контракадар ние го подразбираме како едно поинакво доживуваме на филмот, различна перспектива. Исто така немаме јасна рамка или франшиза. Доколку некој сака во своето место да отвори Контракадар иницијатива, ние евентуално можеме да им помогнеме, доколку побараат помош, но би функционирале независно од нас.

Плагијат:  Едно ваше лично нај-нај искуство од Контракадар?

Контракадар: За мене клучна можеби не е самата проекција и дебата, туку, доколку потоа сето тоа предизвика некакви промени, некаква акција. Пред извесно време, во дискустијата после проекцијата на еден документарен филм за битолската сцена во ‘90тите, ноќниот живот, кафичите, бендовите, на самата дискусија настана идејата која потоа прерасна во иницијатива на група на луѓе кои ќе формираат кооператива, задруга, која ќе отвори кафе-кооперација, културен центар во Битола, што ќе промовира исклучиво алтернативна култура. Иницијацијата на таа идеја беше на проекција на Контракадар во Битола.

За мене беше искуството од едукативната проекција на тема за клиничка депресија, на која беа присутни луѓе кои изјавија дека имаат одредени проблеми, и затоа што отворено се зборуваше за тема која кај нас е сеуште табу.

Мене ми се најубави продолжените дискусии за филмовите и дискусиите откако формално тие ќе завршат, а всушност продолжуваат со пиво до доцна во ноќта, со нови идеи, нови дружби.

Поттикнати од сето тоа размислуваме и за можност дискусиите откако формално ќе завршат да ги пренесеме и на виртуелниот простор, за луѓе кои не се комотни да зборуваат, да можат да се вклучат. Веруваме дека значаен број од тие стотина луѓе кои дошле на проекција, или не биле комотни или физички не било возможно да се вклучат во дискусијата, а имале потреба, па така можеме да им дадеме барем шанса.  

 

Стефан Петровски © hakfin

 

Плагијат: Кои се “гостите“ на проекциите на Контракадар?

Контракадар: Гости ги нарекуваме луѓето кои се поканети да ја начнат, загатнат или да направат едно излагање на избраната тема.  Луѓе кои се повкани да зборуваат на дадената тема. Од четири проекции месечни, на три сеповикани гости. Се обидуваме, исто така тоа да не бидат медиумски преекспонирани луѓе туку тоа да селуѓе кои, секако се на некој начин авторитети за темата, а сепак да носат некои позначанји, посуштински вредности од една страна и од друга страна, да ја искористиме иницијативата Контракадар да ги испромовираме тие луѓе на некој друг начин. Исто така имаме во план да направиме промовирање на некои нови, мали иницијативи за кои малку луѓе слушнале.

Плагијат:  Моето лично искуство на волонтерски труд на мал милион места од една страна и искуството со Плагијат на пример, кој е тотално волонерска платформа, каде во последниве години, луѓе пристапуваат со желба да се вклучат но никако на волонтерска основа, дури и сме имале случаи, луѓе да се спремни да пишуваат по 4 текста месечно за 300 денари, но никако од ќеф, од мерак. Тоа ми е индикатор за промена на некој став кон општото добро и работата од мерак. Какво е вашето искуство со волонтерски труд и зошто волонтирате? Чуму?

Контракадар: Јас се вложувам максимално. Ова е можност да зборувам на теми за кои никој незборува во Македонија. Јас работам 8 саати на ден и од тоа заработувам, ова ми е задоволство. Убаво е да можеш да правиш нешто и да видиш дека луѓето се задоволни од твојот труд. Тоа не може да се плати. Искуството во Контракадар исполнува затоа што сме потполно хоризонтално поставени и секој кој сака и кога сака се вклучува. Доколку се вклучи, самата природа на нештата подразбира дека активно ќе се вклучи. Тоа е и праксата и за стари и за нови членови. Секогаш сме отворени за нови членови, немаме формална процедура доколку некој сака да се вклучи, напротив, може само да ни се придружи и тоа е тоа.

Секој понеделник во 20 часот, во Кино Култура – се гледаме на Контракадар


hakfin | 01.11.2016 | twitter