Cinedays: Genius [2016] - Michael Grandage

Симнување на капата
Дали од „Војна и мир“ останува само војна...? Тоа е борба низ која поминуваат издавачите, слично како и авторите во процесот на создавање.


film


 

„Гениј“  биографски филм за создавањето на автобиографските фикции на американскиот писател Томас Вулф во режија на Michael Grandage. Филмот може да се разгледува на повеќе нивоа поставувајќи ја во фокус специфичната врска на американскиот писател Томас Вулф (Jude Law) и издавачот Макс Паркинс (Colin Firth). Опозитни разлики како изборот на професија, начинот на живот, на облекување, емоционалноста наспрема строгоста, моменталните расположенија наспрема дисциплината ги прават ликовите на писателот и издавачот совршено да се совпаѓаат. Вулф е торнадо од емоции и моментални расположенија, често  пренагласено прикажани во кадрите каде нервозно ја движи ногата, гласно зборува, пуши цигари, замавнува со рацете. Тој е создавачката енергија, а Паркинс е црвеното пенкало кое ги зауздува напливите на емоции во текстовите но и низ животните поглавја на Вулф. Оттука се зачнува една врска која им недостасува и на двајцата во животот. Релацијата татко – син. Па, приказните се преплетуваат и се создава спој кој на светската книжевност и ги подарува делата како „Look Homeward, Angel“ и „Of Time end the River“. Фокусот на камерата се преселува во макотрпното едитирање на првичната верзија од пет илјади страни на романот „Of Time end the River“. Главното прашање кое буди сомнеж во главата  на издавачот е  дали со кратењето се подобрува едно дело или само се прави различно за да има публицитет. Тоа е битката која ја води издавачот и притоа го остава на пауза сиот живот кој се одвива паралелно. 
 
 
film

 

Во нивната посветеност и отсутност од реалниот свет се внесуваат и дополнителни референци кои влијаат на дејството кои не се доминантни но, се чини дека се клучни. Како против тежа на нивната занесена врска се жените, Г-ѓа Паркинс (Laura Linney) и Г-ѓа Бернштеин (Nocole Kidman) кои се контактот со реалноста додека двајцата се во својот затворен херметички свет. Ликовите на  Ернест Хемингвеј (Dominic West) и Ф.Скот Фицџерланд (Gay Pearce) се „електрицитетот“ и прекршната точка со која ќе се освестат и двајцата за деструктивноста која ја создаваат во околината. Нивната херметичност во творечкиот чин се пренесува и на просторот, затворените задимени простории и долгите ходници кои се начин за да се претстави нивното затворање и отфрлање на надворешниот свет. Парадоксално е како широчината на уметничкиот израз создава затвореност кон околината. Филмот има огледална рефлексија на времето во кое се создава. Луѓето кои живеат во големите градови во тој период се под притисок на забрзаното темпо на живот, бучавата, машинизацијата и сцените се токму такви сиви, помеѓу возовите на железничките станици, луѓе кои постојано доаѓаат и си одат без оддишка. Единствена сцена каде може да се почувствува импулсот на слободата надвор од затворените простории и тесни ходници е над градот во стариот стан на Вулф каде ја создал првата книга. Темпото со кое е прикажана приказната од издавањето на книгата „Look Homeward, Angel“ до смртта на Вулф е прикажана доста забрзано но, не е тешко за следење. Особено е остар преминот на временската рамка од издавањето на првата книга и информацијата за петте илјади страници кои го чекаат своето издавање. 

 

film


 

„Гениј“ е филм кој ја симнува капата пред уметноста имплицирајќи општествени, филозофски и психолошки теми. Начнува прашања за издаваштвото, кои треба да си ги постават денешните издавачки куќи, за себе преиспитувањето, врските и односите на луѓето актуелни и денес.
 
Марија Митева 
 

Ranti | 21.11.2016 | twitter