Cinedays: The Neon Demon [2016] - Nicolas Winding Refn

Одраз на „Неонски Демон“ во парчиња скршено огледало


film


Илузорниот одраз во огледалото за големиот американски сон, е искршен на мали парчиња и ликовите од филмот „Neon Demon“ го гледаат својот мултиплициран лик во делчињата. А со тоа се влегува во нова димензија на идеалот за убавото, за нарцисоидноста, за создавањето идоли и на крајот за сопствената перцепција на телото.

Филм кој се бави со тематика која ни е позната преку „Mulholland Drive“на режисерот Дејвид Линч. Девојки од мали градови доаѓаат да го живеат големиот сон. Прикажани како убавината лесно се прелева во монструозноста, пронаоѓајќи спас во мазохистички склоности насочени кон другите или кон себеси. Посегнувајќи да се стави своето тело под нож и да се имплицира нежива материја со цел да се нахрани илузијата за совршена убавина, девојките од круговите на модата престануваат да се разликуваат од мртовците кои ги шминка истата девојка – Руби (Jena Malone) која ги шминка и моделите. Во еден таков свет на сивило се појавува 16 годишна девојка – Џеси (Elle Fanning) која е фетишизиран предмет и недостижна желба, неонското светло во темна просторија или како што вели репликата на еден од ликовите: „Какво е чувството да си сонце во зимски ден?“

film

 

Природна дарба дасе биде убава е адутот кој може да се искористи кога се изоставени вистинските таленти. Но, во „светот на убавите“ се одразува парадоксот на општеството кое е заслепено од убавина во пропорции и калапи. Под хируршките корекции на таквата убавина облечена во високи потпетици и модерни здолништа живеат чудовиштата кои се поголема закана од менаџерот на мотелот (Кeanu Reeves) и рисот кој влегол во собата на Џеси. Детето кое реши да се вплетка во бизнисите на возрасните се занесе во трепкачките светла и сопствениот одраз во огледалата, каде премина во нарцисоидност и хипертрофирање на себеси.

Во сцената кај базенот најдобро се забележува тензична атмосфера каде Џеси лесно ја менува позицијата од надредена во подредена и кулминира со разврска каде двете манекенки Џиџи (Bella Heathcote) и Сара (Abbey Lee) посегаат по неа. Оттука се поставува и Франкенштајското прашање дали е можно и што ќе се случи ако му дадеме живот на нешто што не е?

film


 

Постапката со која се послужува данскиот режисер Николас Виндинг Рефн е многу блиска на современиот начин на изработка на музички видео записи. Така, сцените каде што имаме рамка во рамка од сцени или пак лица кои се појавуваат на еднобојна позадина во одблесокот на трепкачките светла создава атмосфера налик на онаа во современите музички записи, но и како да даваат рамки на безвременост. Токму првата сцена е како рамковна приказна за дејствата во филмот. Поставен сет, девојка која лежи на софа со неонски фустан, боја распрскана по телото, црвен кармин и сини очи широко отворени, излегување од рамки на кадрите и светло кое постојано трепка. Искористени се сите алатки кои придонесуваат за визуелната уметност да е толку моќен медиум, а особено кога станува збор за филмот. Па така, во кадрите често се внимава на симетријата, на играта со линиите и контрастите во фотографијата и на овој начин Николас многу лесно ѝ се приближува на естетиката на современата модната индустрија и токму тоа го прави уметничко доживување на повеќе нивоа.

Филмот е колаче полно чоколадо кое со секое гризнување режисерот суптилно додавал отровна супстанца, која ослободува надреална атмосфера и ве поставува во константно бдеење врз филмското дело. Не ќе можете да се откажете додека не ја изедете и последната трошка.

 

Марија Митева


Ranti | 29.11.2016 | twitter