Deafheaven – New Bermuda [ANTI-, 2015]

Кога за извесна група градам став, додека задолжително и барем половично, ја преслушувам, си се забавувам поставувајќи си прашања. Меѓу тие што почесто ги повторувам е тоа дали артистот е повеќе – автентичен или уверлив. Бездруго, бендот што го жирирам може истовремено да отскокнува во обете категории. Тие ситуации, сепак, се природна реткост. Затоа, кога ненадејно ќе се појават, оваа нејаснотија сама се разрешува. Најчесто, интерната анкета резултира со спротивни податоци. Составите се посилни на првото, послаби на второто поле (или обратно), а постојат и такви што и во двете покажуваат недоволен интерес и успех. Неслучајно, споменативе особини се повод за дел од најраспаметените дебати меѓу племињата музички фанови. Без разлика дали се чисто тролање или содржат поента, овие дискусии укажуваат оти артистот предизвикува интерес.

Пред две сезони, со Sunbather, американската петорка Deafheaven разбуди не само внимание, туку си навлече полнокрвна фама поради куп дилеми, од кои најгласни беа тие дали се веродостојни и убедливи поклоници на правецот што го избрале – блек-металот. Проширувајќи го изразот со пост-рок и со шугејз, тие го извадија генерално опскурниот жанр пред маси народ што никогаш порано не биле толку широки. По ова немаше да биде никаков шок ако формацијата од Сан Франциско попуштеше под притисокот и омекнеше, но нивниот одговор се манифестира во албум на другата страна од спектарот. Горејќи од енергија, New Bermuda е албум-монолит што со интензитетот ѓаволски го стеснува просторот и на сомнежите не им дозволува да испливаат, а камо ли да дишат. Петте траки нема да ги замолчат сите скептици, ама со снажноста ќе ги направат небитни.



Кавер


 

Наместо да се држи до онаа старата, на „убаво да врати со убаво“, квинтетот на извонрено пофалните реакции од 2013-та одговори со акција на немилосрдност што рине ѕверски цели 47 минути. Елегантните пејсажи од претходникот не се десеткувани, но очигледно е дека бендот сега е понаострен, позбиен и пожесток и токму тоа префрлање на фокусот ја прави плочата повозбудлива. Подобра ли е или не, секој за себе ќе си одлучи, ама таа, дефинитивно, слушателот поцврсто го зграпчува и подолго го задржува во челуста. Уште од камбаните во интрото на Brought to the Water, пак, се разбиструва констатацијата дека Deafheaven не се откажале од дисциплината во која брилијраат – судрувањето на личотијата и грдотијата како да се џиновски космички објекти. Разликата е што по минута и кусур, тука реже полномастен риф, инстру-атмосферата се излива на средина, а финалето е резервирано за пијано-префинетост.

Сериозниот отскок на гитарски план се потврдува и во првите секунди од Luna, каде што Кери Меккој разлетува со прстите по жиците, по што Џорџ Кларк, со придружба од звучно цунами, контрира со разјарен глас. На стартот од втората половина композицијата ги растегнува лимитите со пост-рокерски амбиент за до крај да се развлече со успорено трескање. Алтер-нежноста од 90-тите полека вовлекува во Baby Blue, продолжува постепено да ја крева напнатоста која што по пар минути прераснува во риф-детонација и еволуира во соло-прочистување. Потоа следи сегмент за епски хедбенгинг, двојниот тапански бас кулминира и сѐ заедно, на куп, бавно се извлекува до излезот. Таму ги дочекува снимена радио-порака за дожд и невреме, по што Come Back елегично, како на филм, гребе под кожа, но набргу одвнатре ја распарчува со каскади од бучава.

Високите тонови и педал-ефектите на двете гитари тука креираат наежувачка симфонија додека фронтменот ровари со вокал изваден од стомакот. Тој хаос со умисла потоа се крши во грув, којшто интересно е расфрлан и на остатокот од колекцијата, а откако ќе тресне на под, траката пак се враќа на меланхоличното инструментално беседење. Увертирата на Gifts for the Earth е во инди-фазон, но крикот на 26-годишниот пејач разјаснува за кој состав се работи. Дисторзијата, компресирана во риф-рефрен тоа го подвлекува, мелодичниот гитарски лид се надоврзува, а темпото ја држи тензијата точно на средина. Водопади од звук сѐ потопуваат и штом ќе исчезне водената прашина, акустичните акорди и клавир-интимноста ја спуштаат задната корица од материјалот. Изведено трпеливо, тоа остава замислен поглед и земање длабок здив, како по затворање моќна книга.

Двојното чувство на исполнетост и на задлабоченост укажува дека албумот е истакнато начитан во разновидната музичка литература, но не е ниту напорен како руски класик или снобовски како американски модернист. Обвивката му е брутална и смрзнувачка, меѓутоа, моментите на катарзична убавина го прават и подеднакво забавен и емотивен. Колизијата на плусот и минусот е областа во која Deafheaven се врвни мајстори, а таа на New Bermuda прави експлозија од впечатоци, недоумици и инспирации. Тие создаваат нов бермудски триаголник во кој се заминува од љубопитност, а доброволно се останува од загубеност што не преплашува, туку восхитува.

Оцена: 90/100

Артист: Deafheaven
Албум: New Bermuda [стрим]
Датум на објава: 2 октомври 2015
Продуцент: Џек Ширли
Издавач: ANTI-

Листа на песни:
1. Brought to the Water – 8:37
2. Luna – 10:14
3. Baby Blue – 10:06
4. Come Back – 9:16
5. Gifts for the Earth – 8:22

 

Александар Саздовски

првично објавено на kulpop.mk


Ranti | 29.11.2016 | twitter