Cinedays: House Without Roof [2016] - Soleen Yusef

Куќа без покрив: Вечната потрага по домот

 

Германија/Ирак/Катар  

Режија: Солин Јусеф

Каде да се закопаат коските на семејството во светскиот геополитички хаос? Како човек да се задржи себеси во очи на надоаѓачка трагедија? Овие прашања ги растргнуваат Алан(Murat Seven), Џан(Sasun Sayan)и Леја (Mina Sadic)кои по долги години се враќаат во родниот Ирачки Курдистан за да го закопаат телото на мајка си. Носечкиот конфликт настанува кога ќе дознаат дека таа, наспроти желбите на пошироката фамилија, побарала да биде закопана до телото на својот сопруг, загинат во борбата против режимот на Садам Хусеин. Оттука, браќата и сестрата, одамна оттуѓени еден од друг, заедно тргнуваат на пат кон дома, кон себе, пат кој ги принудува да се соочат со упорно избегнуваните мостови и препреки на мапата на сопствените животи. Во меѓувреме, ужасниот конфликт во земјата расне со темпо кое ги разнесува сите надежи.

 
 

 

Веќе во овој свој дебитантски филм, режисерката и сценаристка Солин Јусеф (Soleen Yusef) покажува значајна креативна самоконтрола и фокус. Приказната одржува речиси константно ниво на тензичност, но темпото на настаните е бавно и мирно, отворајќи пори за контемплација. Дејството е многу трпеливо изведено, па и покрај комплексноста, филмот е лесен за следење – информациите и трагите се донесуваат јасно и навремено, без непотребни избрзувања. Тематиката носи опасност од слизнување во патетика но режисерката совршено воспоставува контрола на таа линија. Во таа смисла и ликовите не се исфорсирани. Тие зад себе кријат цели пештери, но нивното осветлување е задржано во функција на ситуацијата во која се ставени. Се насетуваат нивните челични души во условите на бескрајни воени и животни превирања. Значајно е да се забележи наизменичната употреба на германски и курдски јазик како симптом на поделениот идентитет на главните ликови. Притоа, не се запоставуваат ниту споредните ликови - типизирани но впечатливи портрети од мозаикот на разнобојниот Курдски народ. Па така, на исто место ќе сретнете и козари кои ќе ви станат учители за животот, и таксисти кои заљубено ќе ви пеат. Употребениот лесен, секојдневен хумор со кој се разбива тешкиот наративен тон помага и за повеќедимензионално профилирање на ликовите.

 

 

 

Целиот филм е во близок кадар но во неколку наврати камерата наеднаш се извишува и овозможува длабоко вдишување од пространоста на Курдистан. Ваквата техника е соодветна и со мотивот на патување, потрага. Празнотијата и општата изгубеност се засилени со константниот фон на тишината. Фучењето на ветрот, вревата и музиката постојано изненадуваат и се јавуваат во услови на засилена сензитивност, дезориентираност и емпатија. Маѓепсувачкиот саундтрак е комбинација од традиционална и западна музика што е уште еден начин да се пренесе потребата од фузија, единство. Играта темно-светло е во градација, капејќи ги во светлини сцените на катарза. Сепак, режисерката не се охрабрува доволно во разработување и истакнување на симболите, па филмот останува со определен неостварен потенцијал од тој аспект. 

 
 
 

 

Значајна карактеристика на филмот е неговата документаристичка нишка. Тоа се забележува во употребата на камерата, но и на едно мета-ниво, фактот што актерите го носат истиот белег како и ликовите кои ги играат.„Документаристичката камера“ е најистакната на самиот крај, кога по медиумските снимки од војната се заклучува со впечатливиот кадар на новоформираното семејство. Нивните запрепастени, очајни лица, го поставуваат прашањето „што по оваа – како ќе ја преживееме следната приказна?“. 

 


 

Ваквиот отворен крај само го потврдува кругот чија бесконечност се навестува во текот на целиот филм. Со постојаното потсетување на непомерливиот облак опасност во ниту еден миг внимателниот гледач нема да ја добие илузијата дека постои надеж – ликовите се осинџирени во цикличноста на војната.

Фросина Крушкаровска 

 

hakfin | 04.12.2016 | twitter