Cinedays: Жалејка [2016] - Елиза Петкова

Германија, Бугарија

Режија: Елиза Петкова

Помеѓу зборот и тишината: Критички осврт кон филмот „Жалејка“ на Елиза Петкова

 

Клаустрофобична декаденција, фатена на дело. Молк. Генерациски и родов хијазам во згрутчување. Стоп. Уметнички патос меѓу звукот и тишината, кој остава грутки во грлото. Филм кој нѐ разнебитува за доискап да го испиеме киселото секојдневие. „Жајејка“ е прв долгометражен филм на режисерката Елиза Петкова, кој се занимава со женскиот „крик“ во една рурална средина во Бугарија. Станува збор за сериозен антрополошки филм, којшто постои на границата помеѓу документарното и играното. Ана Манолова, којашто го глуми ликот на седумнаесетгодишната Лора, за првпат се појавува на филмското платно и одлично се справува со својата улога, преку која изведува совршена апологија на „зборот кој се самоубива“. 

 

 

Филмот однатре ги бележи периодот пред и по смртта на Стојан, таткото на Лора. Таа е единствената која се движи близу маргините на замандаленото село, покрај брзиот тек на реката, до највисокото брдо и патиштата кои водат другаде. Минувањето на времето во ова мало населено место како да го мери времето преку смртта и смената на генерациите, коишто се проблематизираат уште на почетокот, со земањето на пензиите и залепените плакати за штотуку починатите. Оттаму, има постојани индииции за претстојната таткова смрт, до каде има неизвесност кај гледачите.

Овој филм ја начнува состојбата на туѓување во сопствениот дом. По нелагодното и страшно искуство, Лора едвај изустува неколку зборови и уште повеќе се отуѓува од средината каде живее. Таа пробува да се справи со смртта на својот татко, на единствениот начин кој таа го познава и притоа е осудена од сите останати, затоа што не тагува на ист начин како и тие. Непосредноста, прикажана преку тажачките ритуали и дневните обичаи на селските жители, ја зајакнува веродостојноста на приказната и на глумата, од која можеме да видиме дека однесувањето на Лора не е воопшто агресивно, туку е напротив пасивно и трпеливо. Жалејката,односно марамата, на нејзиниот врат, по што и филмот го носи својот наслов, е симболично врзување на нејзината слобода и рамка на допуштеното ожалостување. 

 

 

 

Филмот изобилува со општи и далечни кадри, во коишто се забележува движењето на еден или неколку филмски објекти, наспроти масовната статична природа. Тоа придонесува кон истакнувањето на бавниот време-тек и нѐ остава кратко да контемплираме врз контрастот меѓу елементите. Овие кадри на неколкупати се споени со кадри од крупен план и формираат секвенци со ефективна драмска напнатост. Камерата во однос на објектите, во скоро целиот филм е неподвижна и нема истакнато фокусирање врз одреден битен сегмент, ниту пак има субјективно фокализаторско искуство, преку некој од ликовите. Сѐ е снимено без посредување и тоа го зголемува документарското во филмот. 

 

 

Едноставноста на крупниот и среднокрупниот план го акцентира погледот на Лора. Таа го крепи овој филм со својата глума со молчење. Нејзиниот поглед, кој е насочен и непоколеблив особено врз машките ликови, му дава уникатна женственост на делото и го исцрпува целокупниот женски развоен потенцијал.

Музичката основа е сочинета од преплетени тажаленки и стари песни, испеани од страна на постарите жителки на селото. Сепак, во овој филм преовладува тишината, напати прекината од ненаметливите звуци, шушкањата и крцкањата од газењето на сламата и од домашните животни. 

 
 

„Жалејка“ содржи и хумористично-семантични елементи, истакнати преку неколку јазични недоразбирања и генерациски преговарања, напаѓања и префрлања. Филмот има уникатен јаз, по доаѓањето и заминувањето на еден странец во селото, по што доживува бавна катарза на ниво на дејство и по тивката нелагодност и тегобност ни дава малку спокој.

 

Мања Величковска


hakfin | 22.01.2017 | twitter