Cinedays: Кривина [2015] - Рифки Асаф

 

Критички осврт кон филмот „Кривина“ (The Curve) на Рифки Асаф (Rifqi Assaf)

Како да се зборува за деликатни политички прашања во едно уметничко дело, а тоа да не биде ексцентричен акцион или политички трилер? Тоа е првото прашање коешто ми падна на ум, кога го прочитав синопсисот за првиот долгометражен и игран филм на режисерот Рифки Асав, именуван „Кривина“. Имајќи мали очекувања за тематиката со којашто се занимавал Асаф, бев позитивно изненадена од личниот багаж, кој тој го оставил во својата креација. Станува збор за филм со силна политичка позадина, прикажана преку портретирањето на тројцата главни ликови: Ради, Лејла и Сами, чии судбини се преплетуваат, како резултат на нивното слично минато, исполнето со војна. Нивните приказни се верно прикажани и тие се поврзуваат низ случајни околности, кои зборуваат за општествено-социјалната состојба во земјите од Блискиот Исток. Палестинецот Ради, кој живее во својот „Фолксваген“, спасува една жена од силување и грабеж, по што скептично ѝ помага да стаса до бегалскиот камп Јормук во Сирија, каде живеат нејзините родители. Во синото комбе се развива чудна тегобност, за време на запознавањето на двајцата ликови, од каде веднаш можеме да ги согледаме стравот и недовербата на Ради. Неговата сопатничка Лејла е палестинка, која пробува да стаса до местото коешто го чувстува како нејзин дом. Таа е постојано олицетворение на надежта и на вербата во подобра иднина. По приклучувањето на третиот лик Сами, кој е либански режисер упатен кон Ирбид, има уште поголема тензија во атмосферата и растроеност во нивните односи.

 

 

Интересно е колку многу може да се раскаже, преку едно еднонасочно патување со фамилијарното превозно средство, во коешто се одвива поголемиот дел од дејството во филмот. Во неговата прва половина изобилуваат описните секвенци, на кои се прикажани напуштените и безживотни хоризонти во Јордан и големината на градот во однос на човекот. Тоа е во согласност со внатрешните, меѓучовечки односи во комбето, каде има нетрпение, неразбирливост и отуѓеност. Во втората половина на филмот изобилуваат светли, свежи и живи бои и описни секвенци на кои е прикажана природата. Ова е компатибилно на зближувањето на ликовите, кои постепено се приврзуваат едни за други, сфаќајќи дека иако имаат различни потекла, сепак делат иста судбина.

                

 

„Кривина“ е „патописен“ филм, во кој се соочуваме со екстерни аналепси или знаења кои се наоѓаат надвор од првичната приказна, а се поврзани со војните и детствата на ликовите. Тоа се битни сегменти од историјата на секој од нив. Овие „флешбекови“ се изведени преку погледите низ стаклата на прозорците од  „Фолксвагенот“ или преку одразите во огледалата. Ваквиот „дострел“ во минатото дава клучни информации и е во функција на очудување на филмот. Меѓутоа, најзагадочна е постојаната манипулација на приказната, со вметнувањето на пролептичните акциони и описни секвенци, преку кои го претпоставуваме крајот на делото.

Кадрите во филмот варираат од далечен до крупен план, а ракурсот е променлив. Притоа, во една сцена со горен ракурс е прикажано наоѓањето на еден стар часовник и болнички кревет. Понатаму, улогата на часовникот е значајна и го обележува чувството на поистоветување и емпатија со сите луѓе од тие територии, кои имаат повеќе заеднички работи отколку што мислат. Часовникот е потсетник, кој останува да виси до крајот приказната. 

 

 

 


Крајно, сценариото содржи и мета – наративност, која говори за тешкотијата при создавањето уметност, во средина каде може да нема ниту струја. Понатаму, преку торбата на Лејла е прикажан товарот на една жена, која е во постојана потрага по својот дом. Со килимот, поставен на подот од комбето на Раци, се прикажани неговото бегство и потребата за безгрижност. Преку професијата на Сими е прикажно неприфаќањето од општеството и неможноста за развивање на креативниот потенцијал кај човекот. Преку сите нив е прикажана маленкоста на поединецот во средина, којашто е разјадена од желбата за моќ кај надредените. Преку неколку дијалози се проблематизира позицијата на подредените, чиј правец на движење во нивниот живот е задолжителен (исто како и сообраќајните знаци во филмот), кој постојано го враќа човека на главниот пат на страданието. Тој пат во делото, го продолжува зближувањето на тројцата туѓинци и кулминира со нивно преминување под бели закачени чаршави, кои се симбол на нивните невиност и чистосрдечност. Нивното заедништво е триумф на среќата на поединецот, кој е дома само кога е заедно со другите. 

 

Мања Величковска


hakfin | 08.02.2017 | twitter