Блашка Миева - Играта на водата

Блашка Миева е сликарка од Скопје, од поновата генерација. Дипломирала на ФЛУ – Скопје, на отсек сликарство, под менторство на професорот Вело Ташовски.

Нејзините дела се доживуваат некако интимно, прецизно а ненаметливо, скромно, чисто или прочистено, а длабоко.

Како најава за нејзината следна изложба, инспирирана од водата, го направивме ова кратко интервју.

(од каталогот за изложбата)...

Движењето на водата, флуидноста и судирот кои водените млазови ги создаваат се неповторливи. Дел од секунда. Судирот на водата со разновидни други материи: земја, песок, растенија, дури и временските фактори, е рефлексија на играта помеѓу водата и нејзините „соперници“.



 © Блашка Миева

 

„Играта и водата“ ја споредувам со онтолошкото определување на уметничкото дело како „игра“ според Ханс Георг Гадамер, кој вели: Лудичноста на уметничкото дело е игра по-себе, но таа во себе ги содржи и творецот и примателот. Играта е „света сериозност“, но е и дејност во којашто се задржува она што ни бега, се задржува преку обликувањето или соучествувањето во играта на облиците“.

Притоа, ова „задржување на минливото“, е идеален приказ за менливоста, неповторливоста и движењето на водата. Преку меморирањето на водата, го замрзнувам делот од секунда кој водата го создава.

Рефлексијата која сите водени површини ја креираат е рефлексија на се што се случува над водата и под водата. Одразот кој исто така е игра, е всушност судир на бои, облици, кои во водата добиваат нереална, магична перцепција за водата како еден елемент, за кој не сме свесни дека всушност е насекаде во исто време. Бранувањата и движењата на водата се менуваат во секунда и со тоа се менува и пејсажот кој се создава од рефлексиите. Тие имагинарни пејсажи не се создаваат само од вистинските пејсажи од природата, туку и од останатите форми и облици кои се над и под водата.

Блашка Ми Ева

 

 © Блашка Миева

 

Plagij.at: Која е Блашка и со што се бави?

Ликовен уметник (сликар) и дизајнер на накит од Скопје, што преку бојата сака да го подобри светот. :)

Plagij.at: Како тоа мислиш, преку бојата да го подобриш светот? 

Блашка Ми Ева: Бојата како ликовен елемент го подобрува расположението, и ни буди разновидни емоции. Со повеќе боја во животот, можеби за нијанса ќе ни бидат попријатни животните ситуации.

Plagij.at: Како би ја најавила ти својата изложба?

Блашка Ми Ева: Свежина,  флуидност,  слобода, длабочина на свеста и умот, невидлива перцепција. Само дел од емотивната бомба која духот ќе ја почувствува доколку ја посетите изложбата.

 

 
 © Блашка Миева

 

Plagij.at: Како ти се наметна водата како тема/инспирација?

Блашка Ми Ева: Петте елементи: Земја, Вода, Воздух, Оган и Ветар, се севкупната материја на Универзумот. Универзумот секогаш е безгранична инспирација. Овој пат ја одбрав Водата како лајт мотив, секако со останатите 4 елементи. Нивната поврзаност и реакција едни со други е од непроценлива вредност. Водата не само како течност, туку во сите нејзини состојби.

Plagij.at: Научи ли нешто за водата, додека траеше процесот? Што?

Блашка Ми Ева: Многу научив. Научив дека водата е елемент кој како и другите не можеш да го контролираш. И во тоа беше и предизвикот да работам  во акварелна техника. Акварелната техника никогаш не е под контрола во процесот на работа. Непосредна, техника со која нема чекор назад, исто како и со водата. Еден момент кој никогаш не се повторува. Тој момент сакам да го замрзнам во дел од цртежот.

 

 © Блашка Миева
 

Plagij.at: Што, според тебе, од сето тоа може да се види на цртежите кои ќе ни ги изложиш?

Блашка Ми Ева: Ако погледнете подлабоко, ќе ги видите сите имагинарни пејсажи кои сте ги виделе на површината на водата, сите рефлексии во боја, сите замрзнати водени површини со живот под нив, играта на водата во допир со земјата, песокот, сонцето и дождот.

Plagij.at: A што сакаш да ни кажеш со нив?

Блашка Ми Ева: Целта на изложбата е малку подлабоко да гледаме на секојдневните нешта, да се инспирираме и да создаваме нешто ново. 

Изложбата ќе се отвори во петок, 17ти Февруари, 2017 година, во 20 часот, во Музејот на град Скопје.

Се гледаме!


hakfin | 14.02.2017 | twitter