Сали Ертунч - за политичката коректност

Во пресрет на изложбата со наслов кој прецизно брцка во една болна точка на современото живеење, (една од улогите на уметниците беше тоа-нели?). Со радост и мерак го направивме ова интервју. Сали беше исклучително љубезен, отворен и, ретко прониклив, топол собеседник. Сето тоа го обои процесот со една доза на пријатно уживање во хаосот на секојдневната рутина. Дец вот иц ол абаут, нели? И, изложбата, поставена во Галерија 7, со контекстот и пораката, не враќа во едно време, од пред дваесет и кусур години, сега веќе обвиено со романтика и митологија, кога Скопје имаше уметници, кои имаа што да кажат, и знаеја тоа да го кажат. Ај да видиме....

 

Рlagij.at:  Здраво Сали. Кажи ни нешто за себе. За оние кои не те знаат, како би сакал да те запознаат?

Сали: Хеј, на сите. Јас сум Ертунч Сали, роденво Скопјево 1990-та.. Завршив факултет на ликовни уметности во Скопје во 2013 год. како дипломиран графичар и графички дизајнер. Бев дел од организацијата на КЦ „Кула“ за 2 и пол години, и сега работам како фриленсер (графички дизајнер и ликовен уметник). Досега имам направено 4 самостојни изложби во НЕинституции (ФДУ не се рачуна како институција, според мене, тоа место е дом на правите студенти). Едната изложба беше направена во ВЦ-то на Бар Ла Кања, што автоматски не е институција. Сега ќе можете да ја посетите 5-та моја самостојна изложба, а и проштална вечера пред  да идам во Словенија.


 

 © Сали Ертунч

 

Plagij.at:  Словенија?

Сали:Пред некое време, на еден веб портал за млади, имаше отворен конкурс за волонтирање во еден културен центар во Постојна, Словенија. Аплицирав и успеав да влезам на втор круг. Потоа и во финале и на крај мене ме одбраа. Така да за 6 месеци ќе ме нема во Скопје и градот ќе биде ослободен од уште еден граѓанин. Но, верувам дека кога ќе се вратам од таму (можеби!?), ќе имам голем ентузијазам за многу нови работи. Можеби нова изложба, кој знае. :)

Plagij.at:  Дел си од една концептуално висока „Кула“ а која не е видлива ни колку ¼ од оние на Џеваир, кажи ни нешто за тоа друштво?

Сали: Уживај, уште малце Џеваир и таму ќе дојде и таму ќе постави неколку (не)кули.
Кулаши. Тоа е едно прекрасно друштво од 20-тина бараби, кои што прават најдобра и најслободна уметност во 5 за 12. Да, озбилен сум. Дури и сакавме една групна изложба да правиме со идеи „5 за 12“ и со дела направени во тие 5 мин., упс. Може ова беше најва за нешто во иднина што има шанси да се реализира. Како и да е, тие ми се најполитички некоректни луѓе и примери како тоа треба да изгледа. Кршењето на бариерите и делење на секојдневието заедно, тие се карактеристиките што ги опишува нив. Ги сакам и сум горд што сум работел и ќе работам со нив.

 

 
 © Сали Ертунч

 

Plagij.at:  Кажи ни нешто за изложбата?

Сали: Идеата за целата изложба уште почна пред година дена. Од неколку скици, наивни, повторувачки, дудл стил цртежи испадна сериозна идеа, која што сега се спрема за изложба во Галерија 7 на 25-ти Феб. Тие дудл цртежи станаа сериозни кога приметив дека се се повторува. Дека и во политичката сфера и во опстествената сфера, а и во културната сфера, итн. Се се повторува. Приметив дека сум во некој луп (loop) што мене ми штети. И тогаш цртежите ми дојдоа на помош како дешарж од целата ситуација, дешарж на енергија на папир.
Успеав на крај, да извадам 20 цртежи и неколку слики, кои што ја раскажуваат целата приказна на визуелен начин.

 

Plagij.at   Дали читам блага иронија во најавата и насловот на изложбата?

Сали:Да бидам искрен, насловот на изложбата немаше да биде вака. Требаше да гласи по песимистички и пофилозофски. Но не сум спремен до толку. Бидејки ваквата тема на Политички Коректни, мислам дека е обемна тема и има многу да се зборува. Да можеби политички коректни во Балканските земји не е некој голем проблем, но во земјите во развој тоа се појавува и го менува целиот менталитет на општеството кое што не е спремно за ваква промена, или еволуција? Еве го оргиналниот текст кој што е вовед на целата приказна:
Политички коректни се група луѓе кои се собираат под планината со крстот и се игнорираат меѓусебе.

Приказната оди вака: Различното дефинирање на етиката и моралот, резултира со игнорирање во општеството и се појавува нова генерација на млади, кои што веруваат дека, во новото време, игнорирањето е вистинскиот начин на етичко однесување и почнуваат да не комуницираат. По долго време на ќутење се навикнуваат на тој начин на живот, и заќутуваат засекогаш.

Се надевам дека некои работи, вака кажани се појасни, а ќе станат и најјасни кога ќе се види изложбата.
 

Plagij.at:  Морам да ти кажам, од позиција на некој кој работел со млади луѓе, мене ми е очигледна и прилично разбирлива појавата на крајна незаинтересираност на младите, за многу важни нешта -  дека пријатно ме изненадуваш. Пред очи ми се слуичувал процесот, да гледам како секоја нова генерација која доаѓа е се по индиферентна и „помлитава“, од една страна, од друга страна, вие, преку медиуми, школо, не сте ни биле изложени на „широкопојасни“  информации, знаења, туку напротив, во последниве децении, се попрофилирани  (во смисла, повулгарни, порудиментирани, поограничени, жолти, турбо-фолковски) се содржините во медиумите. Ајде, можеме ли поконкретно. За што се залагаш ти?

Сали: Ако збориме за младите, нема за што да бидат криви за нивната незаинтересираност. Целиот систем околу нив е изграден на таква база. Ние и нашите родители сме попуштиле за системот да биде изграден вака и младите да бидат пренатрупени со информации. Јас мислам дека младите се пренатрупени со информации од сите страни. Тие се под напад на информации: кога искачаат надвор, кога се на телефон, кога се на интернет, итн. и истите имаат можност да бидат информирани и да бидат заинтересирани за некои општествени теми. Но филтрирањето на информациите почнува првин од тие теми. По интересно е да знаеш колкав газ има К.Кардашиан. Значи не само во МК туку во цел свет ситуацијата е иста. 

 

 
 © Сали Ертунч

 

Plagij.at:  Што е политичка коректност? Ја вреднуваш некако? Ок е или воопшто не е ОК да си политички коректен?

Сали: Според мене е онака, нешто што постои само за неолибералите. Човечката природа е да си емпатичен. Колку да си симпатичен ти во себе сепак ќе имаш емпатија. Колку даваш толку и примаш. Додека политичката коректност, во документи, ја гради лажната емпатија и ладните односи меѓу луѓе се појавува. Како што си кажав, јас само отсликав едно фиктивно општество, која што се одлучува да не комуницира повеќе само за луѓето да си живеат без конфликти. Тие после долго време некомуницирање не продолжуваат да евоулираат, туку идат назад. Не ни треба нас политичка коректност, колку што ни треба комуникација. Секако дека секој си има изградена своја етика и своја моралност, но тоа не значи дека треба да бидам против мојата природа и да заќутам. Ќе зборам и ќе згрешам. Ќе се извинам и ќе научам.

Plagij.at: Која е амбицијата на изложбата, да констатираш состојба, да се побуниш од тоа што е околу тебе, експресија на лично видување или нешто сосема шеснаесто?

Сали: Би идел со експресија на лично видување. Бидејки не сакам да понудам некое решение на општествен проблем а и не можам, ама можам да држам огледало на некои работи. Можам да ги пренесам моите мисли преку сликање, цртање, музика. Мора некој дешарж а и потенцирање на некои работи. Ако успеам, пораката моја или мислењето мое да го пренесам преку ликовно дело на гледачот ми е доволно. Повеќе од тоа нешто,би било разговарање и вдлабочување на тој поставен проблем. Проблем што можеби не е, ама постои и е мал. А малите нешта ги градат големите.

Честитки за изложбата Сали, и благодарност за интервјуто! Се гледаме на изложба!

 

hakfin | 25.02.2017 | twitter