Beach House – Depression Cherry [Sub Pop, 2015]

Трансот, изненадувачки, од нигде-никаде, се истопори како најсоодветна опција во долгата потрага по точка од која што ќе го почнам описот на Beach House и поконкретно, за тоа што го напишале и снимиле на Depression Cherry. Терминот тука не е употребен жанровски. Не се работи за психоделија, а уште помалку е во прашање гоа-натапкување дива планинска трева од самрак до зори. Состојба на умот, духот и телото е опфатено со наведениот збор. Којзнае дали до него и воопшто ќе стигнев ако гитаристот и клавијатурист Алекс Скали не го издвоеше како битен елемент во нивниот пристап. Најлесно е прво на неа да се помисли, но деветте траки немаат никаква врска со дрога. Како лаик, би претпоставил оти тие беспрекорно би соработувале иако самата музика, без адитиви, е доволна за хипноза во која што се паѓа доброволно, а не со психијатриски рецепт.

Има повеќе причини за ова исполнувачко препуштање. Најпрво, тука е гласот на Викторија Легранд. Уште од првата композиција, Levitation, 34-годишната парижанка израсната во Филаделфија, го исполнува просторот со чувство дека сѐ наоколу е лесно и меко. Таа со лебдење ѝ пркоси на гравитацијата. Воопшто не се напрега. Остава впечаток оти со секоја нота што ја вади од своето грло ги обвива умот и телото во кожурец од медитација. Ваквиот стадиум на екстремна релаксиранот исклучително е потпомогнат и од соборецот Скали. Гитарата на воведот од Sparks тој ја користи за кревање аларм со дисторзирано квичење. По бунилото со кус рок на траење, елегантното лизгање по жиците на слушателот му овозможува мрзеливо, како со бавна река во аквапарк, да стигне до океанот на сонливоста. Таму може и да дремне, но поверојатно е – дека ќе фантазира!

кавер


 

Вселената за тоа е особено валидна опција и Space Song, со насловот, меѓутоа, и со атмоферата, насочува токму кон нејзината бескрајност. Бездруго, таа може да биде застрашувачка, ама Beach House се обраќаат со топлина доволнo моќна да се извезе и во смрзнувачкиот космос. Причината за тоа веројатно е љубовта кон убавото аранжирање и кон деталите. Оваа внимателност е очигледна во Beyond Love, со која што дуото монтира лулашка и ја остава за јавна употреба не само на децата туку и на возрасните. Негувањето на финесите неизбежно се среќава по целото течение на материјалот, а на 10:37 тоа е изведено со минимализам во ритамот и оскудност во амбиентот. Дамнешни слики од аристократски сали се појавуваат на PPP. Додека си замислувате како играте валцер, Легранд гали со гласот, а Скали повива со гитарата.

Долгиот воведен синтизајер на Wildflower ги воскреснува 80-тите и баладите од нивниот емотивно драматичен репертоар, но траката не се задушува во шминка и во патетика. Темпото за нијанса се забрзува со машинскиот ритам на Bluebird, ама тоа е само моментна измама бидејќи атмосферата од позадина и мелодијата однапред пак прават да се чувствувате како топче памук што мрзеливо се тркала по тепихот. Хорското интро одново ги растресува темелите, барокниот амбиент без такт се задржува некаде до средината, кога се уфрлува мека електро-основа и таа со нишање го поттурнува материјалот да продолжи со лебдење во вечните пасишта на меланхолијата. Баш таму Beach House најприродно виреат.

Лудо би било да се тврди оти Depression Cherry не е потиштен или, пак, дека поради него нема шанси да пропаднете во личен психо-понор. Автоматски, сепак, албумот не е цреша по чие гризнување, сочно преџвакување и задоволно проголтување со сигурност ќе треснете во депресија. Неверојатната интимност со која што е извезен може и таму да ве однесе, меѓутоа, овој синопсис содржи потенцијал за милион други сценарија по кои филмовите во сечија глава сами се режираат.

Оцена: 86/100

Артист: Beach House
Албум: Depression Cherry [стрим]
Датум на објава: 28 август 2015
Тон-мајстор: Beach House и Крис Коди
Издавач: Sub Pop

Листа на песни:
1. Levitation – 5:54
2. Sparks – 5:21
3. Space Song – 5:20
4. Beyond Love – 4:25
5. 10:37 – 3:48
6. PPP – 6:08
7. Wildflower – 3:39
8. Bluebird – 3:55
9. Days of Candy – 6:15

 

Александар Саздовски

првично објавено на kulpop.mk


Ranti | 21.03.2017 | twitter