РОНИ САЈЗ и СИНИСТЕР на Д ФЕСТИВАЛ

Легендарниот РОНИ САЈЗ и метал хероите СИНИСТЕР на Д ФЕСТИВАЛ 2017

Гласот на новата генерација од домашната сцена доаѓа со Д Планктонс, Шел Шок и Обохтал 


Вљубениците во врвниот драм-енд-бејс звук годинава имаат нов повод за прослава бидејќи легендарниот британски диџеј и продуцент РОНИ САЈЗ (Roni Size) доаѓа меѓу предводниците на новото издание на Д Фестивал. Со завидна кариера од скоро три децении, Рони Сајз постојано важи за еден од најрелевантните и најпочитувани артисти на светската драм-енд-бејс сцена. Минатата година тој во уште еден наврат триумфално се врати на сцената претставувајќи го новото ЕП издание „Past & Present“ реализирано во соработка со Диџеј Краст, а во единствениот звук на драм-енд-бејс легендата ќе имаме прилика да уживаме и сред автентичната атмосфера на Д ФЕСТИВАЛ, каде што Рони Сајз ќе ја предводи програмата на главната бина.



флаер


Неговото музичко патување започна кога на 16-годишна возраст го избркаа од училиште, а Рони се обиде тоа да го надомести посветувајќи се на првите хаус журки во родниот Бристол. Преку неговото дружење и соработка со Диџеј Краст (DJ Krust) во 90-тите настанаа култните етикети „Full Cycle“ и „Talkin’ Loud“, кои на Рони му донесоа признание и пробив на музичката сцена кои пак беа добар увод за појавувањето на албумот „New Forms“ со кој „Roni Size & Reprazent“ тргнаа во освојување на светската сцена. Пионерот на драм-енд-бејс музиката Рони Сајз со својот бенд е познат ширум светот како еден од најважните електронски лајв состави на последните две децении, а првенецот „New Forms“ покрај останатите признанија, ја освои и „Mercury“ музичката награда во 1997 година. На неговиот втор проект „In The Mode“ (1999), Рони Сајз веќе беше добро поврзан во музичката индустрија, па на тоа издание се најдоа и гостувања на значајни имиња како Method Man и Rage Against The Machine. Првиот вистински соло албум „Touching Down“ Рони го објави во 2002 година, а ова издание и до ден денес важи за едно од најпродаваните кога е во прашање независниот драм-енд-бејс жанр.

Name of the photo © Author


Главната бина на Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе го претстави и премиерниот настап во Македонија на култниот холандски бенд СИНИСТЕР (Sinister) – еден од најголемите бендови на андерграунд дет-метал сцената. Стартувајќи ја кариерата во 1989 година, овој бенд изникна сред најголемиот „хајп“ на дет-метал музиката. Нивниот деби албум „Cross the Styx“ (1992) се распродаваше секаде ширум светот, а истиот и ден денес важи за еден од најзначајните класици на овој жанр. Зад себе имаат безброј настапи ширум планетата и турнеи со големите имиња од метал сцената како Suffocation, Cannibal Corpse, Deicide, а се запишаа во листата предводници на сите релевантни метал фестивали како Wacken open air, Hell fest, Metal Days, Milwaukee Metal fest, Extreme Hate Festival Brazil, In Flammen, Speed fest, Rockstad и тн. Дури и во периодите кога дет-метал музиката не ги живееше своите најпопуларни денови, Синистер останаа непоколебливо верни на овој жанр, при тоа важејќи како еден од најискрените бендови кои постојано ги поддржува и помага новите имиња на оваа сцена. Вкупно 13 студиски албуми зад себе, повеќе од 25 години кариера и безмалку исто толку членови кои се запишаа во составот на бендот низ годините. Неуморниот состав од Холандија доаѓа на Д Фестивал со својот најнов албум, ѕверски моќниот „Syncretism“, на кој бендот се покажува несомнено свесен за својот енергичен и доминантен звук, секогаш верен на чистокрвниот дет-метал по кој се планетарно познати.

Покрај светските имиња, Д ФЕСТИВАЛ и годинава ја продолжува традицијата да биде главно место за претставување и на огромен број музички имиња од домашната сцена, а гласот на новата генерација стигнува со настапите на THE PLANKTONS, SHELL SHOCK и ОБОХТАЛ.

Д Планктонс (The Planktons)
е млад сурф-рок бенд кој постои веќе две години. Го сочинуваат три момчиња од Скопје кои работат на својот прв студиски албум, чија промоција ќе се случи оваа година, а зад себе имаат едно ЕП издание насловено „El Plancton“.

Од домашната сцена доаѓаат и Шел Шок (Shell Shock), треш метал составот од Источна Македонија формиран во јануари 2015 година. Нивната инспирација главно се темели врз делата на треш великаните Kreator и Testament, а минатата година со одличен концерт беа дел и од Лузер Фест во рамки на Таксират Фестивал.

На Д Фестивал ќе настапи и Обохтал, новиот музички проект од Куманово. Инспирирани од современа и стара класична музика, спора контемплативна филмска уметност, краутрок и минимализмот, овој музички тандем го започнува својот проект во 2014 година, а од тогаш па до сега имаат издадено два албума преку Green Hill Records - „Solaris“ и „Hello hello World“.

РАН КОРМОРАН АКЦИЈА за најповолните „all-inclusive ВЛЕЗНИЦИ
Новото фестивалско лето на Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува од 14-ти до 16-ти јули во Дојран, а по завршувањето на специјалната онлајн акција Ран Корморан со рекорден интерес досега, јасно е дека пред нас е исклучително возбудливо издание на единствениот open-air музички фестивал кај нас. Во моментов актуелна е продажбата на најповолните РАН КОРМОРАН билети преку продажната мрежа на МкТикетс, а за полесно и побрзо купување, од оваа година билетите можете да ги набавите и преку мобилната апликација на karti.com.mk која е достапна за преземање на следните линкови: – Android, – iOs. Во оваа фаза од претпродажбата достапни се all-inclusive билетите за Фестивалот кои за неверојатна цена од само 600 денари на посетителите им овозможуваат пристап до сите фестивалски стејџови и бесплатен камп за трите дена на Д Фестивал 2017.
Почнете со подготовките бидејќи наскоро објавуваме уште многу нови изненадувања за Д ФЕСТИВАЛ 2017!

Ranti | 20.04.2017 | twitter