СЕКС НА СОЦИЈАЛИСТИЧКИ НАЧИН

Сто години по октомвриската револуција, ред е да се потсетиме на некои „работи“ кои ни ги донесе попатно. 
 
СЕКС НА СОЦИЈАЛИСТИЧКИ НАЧИН


Социолошка студија спроведена во Источна и Западна Германија по обединувањето во 1990 г. покажа дека источногерманките имале два пати повеќе оргазми отколку жените од Западот. Резултатите биле зачудувачки за истражувачите, особено затоа што се мислело дека жените од Источна Германија страдаат од озлогласениот двоен товар на вработување и домашни обврски, па оттаму немале ни време за љубов и секс. Наспроти нив, по војната, жените од Западна Германија претежно биле дома, во секојдневието ги уживале погодностите и благодетите на технолошкиот напредок на Западот, во смисла на пристапност до апарати за домаќинство, што им обезбедувало повеќе слободно време. И покрај ваквата, наизглед убедлива предност, сексуалниот живот на жените од Западот бил посиромашен и во квантитет и во квалитет, во споредба со оној на жените кои морале да чекаат во ред за да купат, леб, млеко, кибрити... Студијата се потпира и врз интервјуа на жени (од Бугарија и Германија) и нивни ќерки. Мајките испитанички се родени и се мажат во време на комунизмот, ќерките во годините по падот на истиот. И во двата случаи мајките ги жалат своите ќерки за нивниот неисполнет, меѓу другото и сексуален живот. Овој генерациски јаз меѓу ќерките и мајките кои влегле во полнолетство пред и по падот на комунизмот, го потврдува тврдењето дека жените имале поисполнет живот во комунистичката ера. Тие овој квалитет на живот го должат на фактот дека овие режими ја сметаа еманципацијата на жените како клучна за напредување на социјалистички општества. 

 

Источноевропските комунистички држави имале прагматична потреба од детабуизирање на сексот пред се` заради ангажирање на женскиот труд прекупотребен за брза индустријализација по Втората светска војна. Всушност, идеолошката основа за женската еднаквост со мажите во социјалистичките општества е поставена многу порано, во 19 век од страна на класиците на марксизмот, Август Бебел и Фридрих Енглес. Теми како „Сензуалноста и сексуалноста" биле дискутирани на партиските конгреси на болшевиците многу пред Октомвриската револуција. Ленин во 1904 година напиша дека ослободувањето на  

Духот на сензуалноста  

е во насока на социјалистичката кауза на победа. Еден од идолозите на Октомвриската револуција, Лав Троцки, во една преписка со Ленин вели: „Несомнено, сексуалното угнетување е главното средство за поробување на личноста. Се` додека постои такво угнетување, не може да се зборува за вистинска слобода. Семејството, како буржоаска институција, е целосно надживеано“. Одговорот на Ленин е следен: „И не само на семејството. Сите забрани поврзани со сексуалноста мора да се отстранат. Дури и забраната за љубов од ист пол да се укине ".  По Октомвриската револуција, во првите години од советската власт Комунистичката партија на СССР и Комсомолот започнуваат кампања за борба против сексуалното лицемерство како остаток од царска Русија. Болшевиците започнуваат кампања против „лажниот срам и хипокризијата на моралот“ на предреволуционерната Русија. Меѓу првите декрети кои ги носат болшевиците веднаш по освојувањето на власта, е и декретот „За укинување на бракот" (како буржоаска институција) како и декретот „За укинување на казнувањето на хомосексуалноста". Во Петроград на 19 декември 1918 г. одбележувањето на годишнината од донесувањето на декретот „За укинување на бракот", била прославена со поворка на лезбејки. Троцки во своите мемоари тврди дека Ленин со радост реагирал на оваа вест: „Продолжете, другари!" Советската власт ги изедначува правата на мажите и жените и почнува активно да се бори против разни предрасуди. Постапката за развод е поедноставена, дозволен е соживот без официјална регистрација на односите (граѓански брак), државата ги толерира предбрачни и вонбрачни полови односи. На дело почнале да се спроведуваат теориите за слободната

Љубов на советски начин 
 
 

На мажите и на жените едноставно ништо не требало да им го одвраќа вниманието од изградбата на комунизмот. Најпопуларна била „Теоријата за чашата вода“. Според неа, мажот имал право да се користи со која било жена за задоволување на сексуалните потреби. Се сметало дека семејството е застарена институција, а сексот може да се израмни со жедта ќе се напиеш и одиш понатаму! 

Паролите на сексуалната револуција во Советска Русија во 1920те произлегоа од теоријата на комунизмот развиена од Маркс, Енгелс, Август Бебел и други, која претпоставуваше дезинтеграцијата на моногамното семејство и транзицијата кон задоволување на сексуалните потреби во „слободна љубов", а подигнувњето на децата требало целосно да и`се довери на државата. Во таа насока, под паролата „Долу срамот!" под ѕидините на Кремљ во 1920 маршира уголгол револуционерот Карл Радек, а на Крим пролетерскиот агитатор, поетот Владимир Мајаковски во рамките на мисијата „просветлување" дефилира облечен во бел костум, но следен од сосема голи млади дами, за да се манифестира разликата меѓу „буржоаскиот лажен морал“ и вистинската природа на човекот. 

Карл Радек

Во пламените говори ширум плоштадите на Советскиот сојуз се слушаат извици „Долу фарисејството“, „Стоп за измамите од свештенството“, „Нам комунистите не ни треба облека која ја покрива убавината на телото! Ние сме деца на сонцето и воздухот".Александра Колонтај (невенчаната сопруга на Ленин) во есејот „Кодекс на бракот" напиша: „Сексуалното образование во училиштата треба да започне од 12-13 години. Инаку, се` повеќе ќе се соочуваме со ексцеси, како на пример, рана бременост“. Владата испраќа директиви во регионите за воведување на сексуално образование во училиштата. Но иницијативата наидува на пречки: Инертност во размислувањата, и недостатокот на квалификувани наставници сексолози. Дефицитот со наставници бил решаван со прием на кадар од странство, особено од Германија. Од 1919 до 1925 година во СССР пристигнале околу 300 такви специјалисти. Германскиот сексолог Хали Фанина запишал: „СССР во 1925 година се појави пред мене како нешто фантастично. Тоа беше просторот за работа! Целиот свет, а особено Германија, завидуваше на она што се случи тука. Ова е како напредна применета сексологија и психологија". Патем, Советскиот Сојуз беше првата земја во светот која официјално ја призна и прифати теоријата на Сигмунд Фројд, која се потпира врз анализа на сексуалните инстикти.

 

Во раните години на СССР забележани се „семејства" од 1012 лица од двата пола, со колективна економија и колективен сексуален живот. Во нив раздвојувањето во постојани интимни двојки не било дозволено, ниту пак раѓањето на деца било добредојдено, бидејќи нивното воспитување можело да ги одвлече младите комунисти од изградбата на светлата иднина. Ако сепак се родело дете, било давано во дом за згрижување. Политиката на ослободување од табуата, сепак, не била прифаена од сите. Познатиот комунистички идеолог и борец за женска еманципација, Клара Цеткин го критикува тој „нов сексуален живот на младите луѓе“ (и често на возрасните), зашто сето тоа, според неа, наликува на Буржоаски бордел. 


Со доаѓањето на Сталин на чело на СССР сексуалната револуција спласнува, зашто партиските директиви определуваат дека инстријализацијата бара од подинецот да ги троши своите сили не на сексуална забава, туку на градење на комунизам, а „отсуството на морал" почнува да биде општествено неприфатлива состојба. Ерата на Сталин започнува со донесувањето на Уставот од 1924 година со што декретот „За укинување на бракот" е ставен вон сила. Веќе во 1934 година забранет е абортусот, а во март истата година потпишан е Закон за забрана и казнување на сексуален контакт меѓу луѓето, со кој се санкционираат општествено неприфатливите сексуални односи. После тоа започнауваат масовни апсења на хомосексуалци во големите градови на СССР. Сексуалното образование меѓу младите престанува, а научната работа на оваа тема е речиси забранета. Промоцијата на сексуалните слободи во првите години по Октомвриската револуција имала практична подлога потреба од уривање на старите општествени норми, буржоаските институции и канализирање на еуфоријата на ниските општествени слоеви зафатени од револуционерниот занес. Сето тоа полека спласнало, но не и во праксата на комунистичките партии кои делувале во другите земји со капиталистичко уредување. Забранетите, а со тоа и примамливи теми за сексуалноста и слободната љубов, тие ги користеле за да привлечат пред се ` млади луѓе, со напредни идеи.

Во средината на `30те од минатиот век на партиските состаноци на забранетата Комунистичка партија на Југославија било мошне возбудливо. Како луѓе од посебен ков, авангардни во секој поглед, комунистите заговараат и практикуваат слободна љубов. Одбраните луѓе кои судбината им одредила да го менуваат светот за доброто на човештвото, требало да одржуваат и редовна сексуална хигиена. Низ поголемите градови на кралска Југославија, овдеонде се шушкало дека на состаноците на комунистите и скоевците било поубаво и поинтересно отколку на најдобрите богаташки журки. Младите комунисти и студенти се залагале за општество без експлоатација на работниците и за живот без лажен морал. Во мемоарската литература е забележан еден разговор на југословенските комунисти Милован Ѓилас и Александар Ранковиќ, каде се кажува дека пропагирањето на еднаквост на половите и слободната љубов биле мамка за привлекување на младите во партиските редови, особено на девојките. На пр. во предвоениот период комунистот Петар Стамболиќ имал во десетина градови и села по една љубовница; Неговиот партиски другар Мома Марковиќ покрај вонбрачен син, во 1942 добива и вонбрачна ќерка, Мира Марковиќ (подоцна сопруга на Слободан Милошевиќ).

Битола пак, меѓувоениот период го живее растргната меѓу спомените од славното минато и тажната паланечка реалност. Доминира буржоаскиот модел за моралност, според кој љубов пред брак не е дозволена, ниту пак брак меѓу припадници на „градска фамилија“ и сиромашни дојденци. Малограѓанштината ги затвора очите пред реалноста и се преправа дека не ги забележува борделите кои ги имало на секој чекор. Најпознатите локали биле „Кај ѕвончарите“. Хроничарот на Битола, Димитар Такец запишал: „Бумс“ беше елитна кафеана што ја држеа ортаците Панде Велушецот и Ташко Крушевчанецот. Во ноќните часови тука идеа истакнати битолски имиња, професори и сите со вишок енергија, односно луѓе кои бараа мелем за нивните љубовни рани; „Венеција“ популарно позната по второкласни оркестри и ноќни убавици. Тука комотно се чувствуваа и парајлиите и амалите, а од таму произлезе и поговорката на битолската швалерска публика „плати па клати“; „Марс“ беше кафеана наспроти „Венеција“; „Плуг“ контра двете претходни кафеани, метафорчно асоцираше на нива и орање. Лоцирана во чаршијата, поправо до самиот Маспазар, „Плуг“ секогаш сметаше дека спечалените пари од продадени производи можат да бидат употребени и за задоволство; „Кај чика Тоше на ќоше“ беше кафеанче на аголот наспроти хотелот „Солун“, го држеше Тошо Нишлијата. И со музичката понуда и со квалитетот на чупињата, може дa се рече, дека кафеанчето беше израз дека „на евтиното не му гледаат забите“; „Гранд хотел Америка“ беше поголема кафеана со сцена за оркестар и хотел: „Пролет“ на адвокатот Васко Николовски, лоцирана наспроти касарната. Во врска со оваа кафеана битолчани измислија хумористичен куплет кој во исто време предупредува: 

Во Битола „Пролетна кафана“ - тука креват нозе до тавана офицери и подофицери - ремоваци и други од сој на Ред чекат во тешкиот бој - лево десно напред назад стој - после три дни чекај трипчо ој! 

Наспроти тој полутаен полујавен живот на дел од битолчани, младите се собираат во скоевски организации, спортски, планинарски и читачки друштва, организираат седенки и дискутираат на разни теми, вклучувајќи ги и оние за еманципација на жените и ослободување од наметнатите табу-норми.

Битолските бордели опстојуваат и во текот на војната, но во повоените години, комунистичкиот режим ќе им стави крај. Партијата ќе дава тон на сите пори на општествениот живот, а првобитните идеи за слободна љубов, постепено се трансформираат во поинаков вид морал, т.н. „применета етика“, според која, комунистите се луѓе од посебен ков, аскети подготвени за жртвување, со посебен морал според кој можело да се има само една жена, макар и невенчана. За пример го кажувале Тито кој воените години ги поминал со Даворјанка Пауновиќ (неговата  венчана жена, Херта Хас, во тоа време e во затвор). И додека во време на војната партизанските команданти и функционери можеле да имаат по една жена, имало случаи кои завршувале со стрелање доколку некој бил фатен во љубовна прегратка со другарка партизанка. Првите повоени години социјалистичка Југославија бележи двојни стандарди официјално се пропагира моногамија, додека дел од партискиот врв живее во разврат. Одекот од партизанските времиња бледнее и сосема исчезнува со појавата на тн. сексуална револуција од `60те и `70те од XX век, промовирана преку Хипи-движењето во Западниот свет брзо стигнува и во бившојугословенските простори. Многу до тогаш премолчувани и отфрлани форми на сексуалност, стануваат општествено прифатливи. Рокенрол манијата и новата сексуалност го преплавуваат просторот од Триглав до Гевгелија слободното изразување љубов ќе стане нормално, исто како и бакнувањето на јавен простор, миниздолништата, нудизмот, книжевноста  почнува да третира љубовни теми, се снимаат „скандалозни“ филмови („Мистериите на организмот“)...

Мистерије организма
 
Од тие времиња запаметена е една анегдота од писателот Бранко Ќопиќ кој на една тематска седенка во Студентскиот град во Белград, посветена на стремежите на младите генерации, директно во ТВ-камерите ќе каже: „За жал, јас припаѓам на онаа генерација која и онаа нашата и оваа вашата револуција, ги дочекав без оружје!“ Во социјалистичките земји, како одек на еднаш покренатата сексуална револуција во првите години од болшевичка Русија, се задржуваат полабави општествени стандарди, во однос на Западот. Тоа го покажува и истражувањето на чехословачките сексолози кои во 1952 спроведуваат истражувања за женскиот оргазам и подоцна предлагаат дека еднаквоста меѓу мажите и жените е клучна за женското задоволство. Дел од нив бараат делење на домашните обврски меѓу двата партнери, во име на подобар секс. Полски сексолози од периодот пред 1989, тврдат дека сексуалното задоволство не е ограничено само од телесното искуство, туку дека на него влијаат и општествените и културолошки околности. Тие тогаш порачуваат дека „дури ни најдобрата стимулација нема да помогне да се постигне задоволство, ако жената е под стрес или преработена, загрижена за својата иднина и финансиска стабилност."
Комунистичките режими низ целиот Варшавски пакт инвестираат огромни ресурси во образование и обука на жени и во гарантирање на нивната вработеност. Државни комитети на жени работат на едукација на момчиња дека треба да ги прифатат девојчињата како еднакви на себе и дека шовинизмот е остаток од предсоцијалистичкото минато. Комунистите не успеваат целосно да го решат проблемот, но сепак жените од овие режими имаа степен на самодоволност како ретко која жена од Западот. Жените од Источниот блок не мораа да се мажат или да имаат секс за пари. Социјалистичката држава ги подмируваше сите нивни основни потреби, а земјите како Бугарија, Полска, Унгарија, Чехословачка и Источна Германија одделуваа дополнителни ресурси за поддршка на самохраните мајки, разведените жени и вдовиците. Со исклучок на Романија, Албанија и СССР на Сталин, најголемиот дел од источноевропските држави гарантираа пристап до сексуално образование и абортус. Тоа не беше случај ни во многу од развиените капиталистички земји со демократско уредување. 
Со падот на комунизмот и масовното бришење на придобивките од тоа време, се изгуби голем дел од напредокот во корист на женската еманципација. (Дел од феминистките не беа задоволни  бидејќи беше еманципација подарена „од горе".)
Споменатото истражување  резимира со оддавање на должна почит на тие трендови во некогашните комунистички земји: „Затоа што се бореле за сексуална еднаквост на работа, дома и во спална и биле подготвени да ја спроведат, комунистките кои држеле позиции во државниот апарат може да бидат наречени културолошки империјалисти. Ослободувањето што тие го наметнуваа радикално трансформираа милиони животи низ планетата, вклучувајќи ги и оние на голем број жени кои се` уште се меѓу нас како мајки и баби на возрасни луѓе кои сега се во демократски држави, членки на Европската унија. 

hakfin | 11.11.2017 | twitter