СИЗИФ на PLUTO’S DOUBTS

Во рамки на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ, на 4-ти декември во кино Фросина, PLUTO’S DOUBTS во соработка со PASSWORD продукција, ве носат на концертен осврт кон сѐ што се нашло во орбитата на нивниот деби-албум. Деветте нумери содржани на изданието СИЗИФ, премиерно ќе бидат отсвирени јавно, а искуството за посетителите ќе биде збогатено со код за бесплатен download.

PLUTO’S DOUBTS е музичка група од Скопје, која во период од две години помина низ неколку фази од аспект на звук, членство и чувство. Појдовната идеја е да овозможи слободен проток на креативна енергија, притоа мешајќи луѓе со различна вокација, ниет и табиет. Првите никулци од она што е денес албум, добија своја демо-форма во студиото на Нино Спирковски. Материјалите беа пуштени есента 2015-та година, а во тој период уследија и првите настапи во живо. Прв значаен фидбек испровоцира синглот СУПЕР ЈУПИТЕР, чиј видео-запис е идеја/реализација на Александар Петков и беше дел од емисијата Videography, MTV Adria.
 
флаер


Клучен настан за реализација на СИЗИФ е победата на ЛУЗЕР ФЕСТ во 2015-та, во организација на PASSWORD продукција. Во меѓувреме, како дел од наградата дојде и настапот на EXIT 2016:FUTURE STAGЕ, како и други помали настани од типот на ШТО СЕ ТРЕСЕ ВО МКЦ?, ЗЕМЈОТРЕ5 и вториот роденден на REBORN во Vinyl. Снимањето започна во Љубанци, во соработка со Ивица Јанкуловски (студо ALSHAR), а продолжи во ПОДРУМОТ со Ангел Коцев и Л. Ѓоргиевски како главен продуцент. Нештата ја добија својата конечна форма во јуни годинава.

Албумот изобилува со идејна шареноликост. Ритмички, мелодиски па дури и во аранжманот на песните и нивната структура. Лирски, содржи траги на импресионизам и некаква интимна димензија, но истовремено е прилично отворен и живо кореспондира со социо-културното опкружување во кое музиката е создавана. Имајќи го сето ова предвид, СИЗИФ би требало да функционира како приказ на состојбата во духот на одредено време и простор.

Првиот сингл од албумот е песната САМОГЛАД. Спотот е во режија на Борјан Стојков, и нему му го должи својот визуелен идентитет. Спотот одеше промотивно како дел од настапот во Vinyl, а неговата онлајн промоција се случи на 26-ти октомври во рамки на промотивните активности за настанот што претстои. Така што, доколку и оваа година не сте поканети на роденден кај JAY-Z, а сѐ уште не сте букирале карти за King Krule во Берлин... повелете на уште еден круг околу кавалот од акал и овошниот бокал!

Влезниците за промотивниот концерт на PLUTO'S DOUBTS ќе бидат пуштени во продажба од утре (петок, 10-ти ноември) на пладне, преку продажната мрежа на МкТикетс со цена од 200 денари во ПРЕТПРОДАЖБА и 300 денари на денот на концертот.

Ranti | 30.11.2017 | twitter