Blade Runner 2049 [2017] - Denis Villeneuve

Дали андроидите сонуваат електрични овци?е книгата со која започна развивањето на Blade Runner,еден од највлијателните и најзначајни научнофантастични филмови на сите времиња. Самото име говори дека станува збор за една контемплативна книга што поттикнува на размислување. Сосема разбирливо кога зад неа стои Филип К. Дик, за тие што не знаат, бардот на научната фантастика. Неговата способност преку прозно дело да го вовлече читателот во философски размисли го прави комплетен филозоф, а под оваа синтагма се подразбира неговата визионерска способност да ја согледа есенцијата и да ја претстави во едно имагинарно, најчесто идно време. Идно, затоа што често во неговите романи и раскази има анахрони поместувања, а тие се должат на неговата способност да го поима различно времето зависно од моменталната свест. Затоа неговите дела толку нè засегаат, границата помеѓу иднината и сегашноста е толку тенка што ни овозможува еден подлабок увид во светот во кој живееме. Впрочем, тоа и е улогата на дистописките романи, да го сатиризираат општеството во кое живееме, но Филип Дик го прави тоа на генијално инвентивен начин.  
 
film


 

Во книгата Рик Декарт е сместен во постапоклиптичен свет каде преживеаните од радијацијата чуваат електрични животни и се поврзуваат емпатски преку кутија за емпатија со која, меѓу другото, се симулира страдањето на еден лажен месија. Тој сака да купи вистинско животно, кое е прилично скапо, па ќе се одлучи да пензионира (убие) неколкумина андроиди за да го оствари посакуваното. Ваквата содржина изгледа прилично апсурдна и мрачна. За разлика од книгата, апсурдноста е целосно отстранета во Blade Runner, но затоа, пак, изобилува со една поетичност и стилизираност во изразот која сè уште не е достигната во ниту еден научнофантастичен филм досега. Комбинацијата од кибер панк и филм ноар резултира со создавање на едно ретрофутуристичен уникатен филм кој ќе биде инспирација за многумина филмаџии подоцна, а исто така ќе изврши влијание и на неколку писатели. Еден од нив е Вилјам Гибсон, кој го има спомнато Blade Runner како едно од неговите најголеми влијанија за сосздавањето на Неуромансер. 
 
film


Андроидите во Blade Runner се идентични со луѓето, па оттаму и доаѓа поистоветувањето, преку нивниот надворешен изглед, со тој на  луѓето. Нивните реакции и способности се речиси идентични, дури пројавуваат и емпатија, за разлика од андроидите во книгата. Тие како симулакруми се хиперреализират во светот на Blade Runner, додека Рик Декарт, тргнувајки од картазијанскиот дуалзиам, ја согледува сличноста помеѓу нив и него, односно луѓето, па така се губи разликата помеѓу тоа што е реално, а што не.

film


 

Филозофските медитации продолжуваат и во Blade Runner 2049.Освен епистемолошките насоки, се начнуваат и есхатолошки прашања преку поетските говори на Валас (Џаред Лето). Метанаративите се совршено вклопени во една целина чиј стожер е бајковитата наративната линија во која офицерот К. (Рајн Гослинг) е во потрага по својот идентитет.  Според Анри Бергсон, виртуелноста на сеќавањето што се случува во сегашноста е сосема релавантно гледиште низ кое можеме да го посматраме офицерот К. Морфолошката структура низ која минува главниот лик е вешто осмислена од страна на сценаристите Мајкл Грин (American Gods) и Хемптон Фанчер – сценаристот на првиот Blade Runner. Од старата постава се појавуваат и продукцискиот дизајнер Денис Геснер, актерот Едварт Џејмс Олмос - кој посимпатично изгледа на постари години, Харисон Форд – кој не е толку брилјантен како во оригиналот и, секако, продуцентите Бад Јоркин и Ридли Скот. Кастингот за Blade Runner 2немaгрешка. Музиката евоцира спомени на неповторливиот саундтрак на Вангелис, полека градира и не е толку често присутна како во првиот Blade Runner. Помрачна е, каков што е и самиот филм. Отсуството на било каков романтичен призвук одговара на атмосферата, за што еден од најзаслужните е директорот на фотографија  Роџер Дикенс. Наместо избилството на калиедископскиот простор на градот во Blade Runner, овде преовладува широкиот простор и симетријата. Тишината и долгите кадри создаваат една звучна оптичка слика која се продолжува во просторот. Постапокалиптичниот Лос Анџелес во овој научнофантастичен ноар повеќе потсетува на оној во книгата. Споредбата со првиот Blade Runnerе залудна, затоа што од тој универзум режисерот Денис Вилнев го има земено само најпотребното за да создаде свој авторски филм, без тенденција да го надмине оригиналот. Според мене, хронолошки гледано најдобар научно фантастичен филм по Матрикс е Blade Runner 2049, иако сè уште не сум сигурен кој повеќе ми се допаѓа.
 
 
Рецензијата најверојатно е напишана од репликант
 
 Филип Миовски - Cinespektar
 
 

Ranti | 07.12.2017 | twitter