Лавиринтот: Лек за смртта

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство го најавува објавувањето на романот „Лавиринтот: Лек за смртта“, третиот дел од мегапопуларниот серијал Maze Runnerод американскиот писател Џејмс Дашнер, кој го освои светот, и како книга и како филмско остварување.Преводот на македонски на сите три дела е на Наташа Спирова-Серафимова. Со објавувањето на „Лек за смртта“ се заокружува македонското издание на трилогијата што со недели беше број 1 бестселер на „Њујорк тајмс“.

Се гледа крајот. ЗЛОПАК му одзеде на Томас сè: животот, сеќавањата, како и единствените пријатели што ги има – Лединарите. Останува уште еден последен тест. Да се открие лек што ќе го спаси светот. Дали некој ќе преживее? Она што ЗЛОПАК не го знае е дека Томас памети повеќе одошто тие мислат. А тоа е доволно за да не им верува на ниту еден збор. Вистината ќе биде ужасувачка. Томас го победи Лавиринтот. Побегна од Пустошот. Сè стави на коцка за да ги спаси своите пријатели. Но само вистината може да стави крај на сето тоа. Времето на лагите е завршено.

korica


 

Оваа непредвидлива приказна е идеален избор за љубителите на научнофантастичните книги, во кои дејствата брзо се развиваат, а настаните се исполнети со многу мистерија и исчекувања,кои без сомнение го задржуваат вниманието до самиот крај. Обожавателите ја опишуваат како комбинација од „Господарот на мувите“, „Игри на гладот“ и „Изгубени“.

Футуристичката антиутопија „Лавиринтот“ се смета за современа класика и беше инспирација за истоимената филмска трилогија, чиј последен, трет дел, ја има светската премиера на 26 јануари 2018 година. Според едно истражување на друштвените мрежи објавено на почетокот на годинава, токму ова филмско остварување е најочекуваниот филм за 2018 година.

Филмот пристигнува во Македонија истовремено со својата премиера во кината во светот. Токму затоа, издавачката куќа „Антолог“ во соработка со дистрибутерската куќа „МЦФ МКД“ подготви фантастични награди за сите фанови на „Лавиринтот“ преку профилите на друштвените мрежи, кои започнуваат уште денеска.  

Џејмс Дашнер (1972) е роден и пораснал во Џорџија, САД, но сега живее на Карпестите Планини. Студирал сметководство, но по дипломирањето почнал да пишува. Најпознато и најпродавано дело му е серијалот „Лавиринтот“, а автор е и на „Сагата за Џими Финчер“, „Тринаесеттата реалност“, „Доктрина за смртност“. Оженет е и има четири деца.


Ranti | 22.01.2018 | twitter