Македонска рок енциклопедија

Пред издавање на првата „Македонска рок енциклопедија“

 

 

Првата „Македонска рок енциклопедија“ е отпечатена на 400 страници, во неа се пишува за 333 македонски музички состави, 2.000 споменати музичари и објавени се околу 400 црно-бели фотографии. Истражувањето на Тошо Филиповски, авторот на оваа енциклопедија траеше повеќе од шест години.



 

 

„Од денес, па во наредните 40-ина денови, ја имате можноста вашиот примерок на енциклопедијата да го купите/резервирате однапред, како ограничено издание, нумерирана и рачно потпишана, по поефтина цена од продажната, со бонус – скромни подароци. Ова е и начинот на кој можете да го поддржите навременото и квалитетно печатење на енциклопедијата. На 9 мај енциклопедијата ќе биде издадена. Наскоро ќе ве информираме и за денот и местото на промоција на енциклопедијата“, пишува по социјалните мрежи за „Македонската рок енциклопедија“.

Издавач на енциклопедијата е „Корпус деликти рекордс“. Автор на енциклопедијата е музичкиот новинар Тошо Филиповски, кој години наназад е буден набљудувач, поддржувач, критичар и учесник во рокенрол културата и автентичниот урбан музички живот.

Енциклопедијата содржи биографии на разни состави – рок, џез, блуз, електроника, хип хоп, ворлд мјузик, поп-рок, панк, хеви метал, реге, ска… Содржи автори од периодот од 1963 до 2018 година кои создавале на тлото на Македонија, а со тоа активно дејствувале во креирање и развој на сцената.

„Пријатели, поддржувачи, музичари, почитувачи на сопствената музичка историја, чувари на културното богатство… ја очекувам вашата поддршка за навремено и квалитетно издавање на капиталното дело: ‘Македонска РОК Енциклопедија (1963 – 2018), Прв Том’. Првите  500 примероци се limited edition, своерачно нумерирани и потпишани, со бонус македонска CD компилација (History of Macedonian Punk/HC Vol.1 1979-2001) + налепница“, стои во соопштението за „Македонска рок енциклопедија“.

Цената во претпродажба во Репубика Македонија е 1.800 денари + 100 ден поштарина, а за странство е 30 евра + 10 евра поштарина.

 
 
 

hakfin | 03.04.2018 | twitter