8 ФИЛОСОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

12–19 април 2018

8. ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

 

Ако уште големиот Аристотел филозофијата ја разбирал како активност на гледање со очите на умот, а филмоткако аудио-визуелна уметност го сфатиме како „уметност на гледањето“ (како да се види, а не само да се гледа), во каква глетка тие се сретнуваат? Што е она што ги поврзува седмата уметност и љубовта кон мудроста? Увидот во овие прашања ни го лоцира родното место и жариштето на единствениот филмски фестивал во светски рамки којшто во ваков обем и длабочина ја истражува синергијата меѓу филозофијата и филмот. Во тоа се состои и спецификата и  автентичноста на Филозофскиот Филмски Фестивал (ФФФ), како извонреден пример за нешто вредно домародено, никнато како студентска иницијатива и изградено до Фестивал со препознатлив меѓународен имиџ.

 

Годинава Филозофското друштво на Македонија го организира 8. Филозофски Филмски Фестивал, втор со интернационален предзнак. Главната програма на ФФФ ќе се одржи во периодот 12-19 април, во Кинотеката на Македонија со учество на повеќе домашни и интернационални гости – филозофи, професори, истражувачи, режисери. Фестивалот по втор пат е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, прв пат од Министерството за култура и трет пат од Градот Скопје. Соработници на Фестивалот се Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (од самиот негов почеток), Кинотека на Македонија, МКЦ Скопје, како и четири филмски академии: ЕФТА од Скопје, ФДУ од Скопје, ФИОФА од Охрид и Филмската академија при УГД Штип. Во реализацијата на Програмата свој придонес имаат и: Францускиот институт во Скопје, Иранската и Италијанската амабасада во Скопје, Македонско-американската алумни асоцијација, Меѓународното училиште НОВА итн...




 

Во компетитивната програма во конкуренција за наградата „Златен був“ од стручното жири и од публиката за Најдобар долгометражен филм ќе бидат шест филмови. Во избор на селекторот Кирил Трајчев, професор на Филмската академија во Штип, влегоа следните филмови: „Граѓанинот“ од унгарскиот режисер Роланд Враник (по проекцијата публиката ќе има можност да влезе во дијалог со режисерот), „Шопенхауер шизофренија“ на Аристарх Нескупов (Украина), бразилскиот „Млади и бедни, или човекот што вреска не е разиграна мечка“ на Тиаго Б. Мендонса, „Крај мене“ од Теди Некула (Романија), германско-косовската копродукција „Ехо“ на Дрен Жерка (исто така, во присутво на режисерот) и иранскиот филм „Долг ден“ на режисерот Бабак Бахрамбејги. Во двојната конкуренција за „Златен був“ за Најдобар краткометражен филм по избор на селекторот д-р Дејан Здарвков, ќе бидат 22 филмови од различни краишта на светот: Киргистан, Франција, Португалија, Турција, Македонија, Грција, Холандија, Финска, Полска, Русија, Словенија, Белгија, Шпанија, Норвешка, Естонија, Непал, Италија, Иран, Украина. Пред почетокот на првата вечер од проекциите на краткометражните филмови ревијално ќе биде прикажан „Крајот на времето“ од Милчо Манчевски. Карактеристика на Фестивалот при изборот на филмовите е задоволувањето на двата основни критериума: уметнички квалитет и филозофска податливост и релевантност.

Во Ревијалната програма филм-философија, односно срцевината на концептот на Фестивалот, ќе бидеме сведоци на шест различни настани. Карактеристично во неа, по проекцијата на филмот, следи излагање на гостите на ФФФ, универзитетски професори и режисери, на тема инспирирана од филмот, а проследена со отворена дискусија со публиката. Годинешни гости на Фестивалот ќе бидат: акад. Ферид Мухиќ („Ограда против зајаци“ на Филип Нојс – Свечено отворање на Фестивалот), проф. д-р Џан Мариа Торе од Универзитетот во Луксембург („Вртоглавица“ на Алфред Хичкок), Хана Павек – докторанд на Кингс колеџ Лондон („Натрапникот“ на Клер Дени), д-р Бошко Караџов (документарниот „Браќа“ на Осло Холм), иранскиот режисер Амирхосеин Асгари со филмот „Без Граници“ и Александар Прокопиев („Смрт во Венеција“ на Лукино Висконти – Свечено затворање на Фестивалот и доделување на наградите).

Придружната програма на Фестивалот се состои од предавања на интернационалните гости (Хана Павек, Нил Кенеди, Џан Мариа Торе) организирани во соработка со неколку наши високообразовни институции. Во рамките на овој сегмент од програмата ќе се одржи и џез вечер со SHAMBA JAZZ TRIOпо вечерната проекција во Кинотеката (14 април, кафе бар Мартини).

Филозофскиот Филмски Фестивал и оваа година нуди богата едукативна програма за учениците од средните училишта, работилници и предавања за младите, како и годинешниот нов програмски сегмент – Фил(м)ософија за деца. Средношколската видео лектира е резервирана за учениците од средните училишта (вклучени 18 училишта ширум Македонија), при што по искуството на гледање филм на големо платно на докажан класик од филмската историја  учениците пишуваат есеј на зададена тема во рамките на Наградниот конкурс – оваа година „Либерти Валанс – правото на силата или силата на правото?“. Работилницата за млади „Филозофија и филм“ ја сочинуваа три предавања на теми од филозофијата и филмот со проф. д-р Стефан Сидовски, со краен резултат креирање на филмски етиди на зададена филозофска тема. Конечно, новиот сегмент Фил(м)ософија за деца претставува прв обид во Македонија за отворање прозорец кон една понова дисциплина што работи на развивањето на креативната мисла и критичката рефлексија кај децата уште од најрана возраст, во светот дисциплина промовирана најмногу од УНЕСКО. Овој сегмент ќе вклучи 5 настани од различен карактер, а специјален гостин во Едукативната програма на Фестивалот ќе биде Дејвид М. Ларсон од Данска. Тој ќе одржи Воведно предавање за филозофија за деца и искуството од нејзиното воведување во Данска, Работилница за филозофија за деца за наставници, студенти и млади истражувачи, како и Практична демонстрација со деца (6-7 год.) во Меѓународното училиште НОВА. Д-р Мартин Поповски ќе го модерира првиот експериментален час за филм-философија кај нас, а ќе биде одржана и една проекција на филм за деца во Кинотеката на Македонија.

Како и претходните три години, по завршувањето на Фестивалот следи ФФФ Караванот, којшто овојпат ќе посети пет градови низ земјата: Штип, Свети Николе, Битола, Прилеп и Охрид, во обид да пренесе дел од атмосферата и духот на Фестивалот и надвор од главниот град.

 

 

ФИЛОЗОФСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ

https://philosophicalfilmfestival.mk


hakfin | 12.04.2018 | twitter