Ресторан БОЕМИ

Некогаш кога пијанството беше целовечерна преокупација, утрата започнуваа веќе во 5ч. со една ч’кембе чорба во Гратската меана во Прилеп. Денес тоа не важи, на мојата иницијатива да се оди на чорба во Гратската меана, бев изненаден да научам дека повеќе таа не е таа Гратска меана и дека сега главното место за чорба и скара во Прилеп е меаната Боеми или уште попозната како Крумче и Томче.



photo © rante

Уште на влезот во меаната се препознава дека местото е домакинско, има многу празни гајби од пиво и печењара, додека по излогот излепено и со големи букви напишано: плескавица - 60 ден... Местото е малечко и тесно, се чини дека има многу повеќе маси отколку што може да се наместат на таа површна. Така, иако масите се со 4 столици, на нив не може да седат повеќе од двајца, инаку ќе се маваат со лакти со луѓето од соседната маса. На прва поглед паѓа огромното ќумбе кое се наога на десната страна, после вратата, веднаш до купиштата гајби и картони со пиво и вино. Зрачи топлина и чади на сите страни, така да се запрашав дали повеќе ќе мирисам на скарата или на чадот од ќумбето!!

Дојде меанџијата и уште веднаш не разочара кога ни кажа дека нема чорба... инаку чорбата е доручек, а ние бевме таму во 13:30ч, така да тоа беше подразбирливо. На прашањето што ќе препорача, добивме мени... или се им е добро, или нема ништо што вреди да се препорача. Погледнавме во менито, има се како и во секоја меана со скара. Одбравме ловечка плескавица и домашен колбас, малку салата за друштво и нешто за пиење. Интересно е тоа што при порачката, односно во менито е нагласено дека кромидот се смета за гарнир и се доплаќа при порачка на скарата. Доброто е што во тој гарнир спаѓа и лебот и едно луто пиперче, кое иако не е везено, ги задоволува основните потреби. За ова задоволство или додаток на задоволството се наплаќа 20 денари.

Во периодот додека го чекавме јадењето можевме да ги заприметиме сите ликови кои беа присутни внатре во меаната, но тие кои однадвор се вртеа. Местото изгледа дека е едно од најпопуларните во Припел, така да секакви ликови доагаа да јадат и се бараше маса повеќе. По некое време почнаа и деталите да на меанта да стануваат се поочигледни. На прв подлег тоа што се вика шанк кај кујната изгледаше сосем обично, но по подобро забележување приметив дека тоа е всушност куќа внатре во меаната, со кров, керамиди и оџак... благодарение на ептем високиот таван на меаната. Нешто што посебно го привлече моето внимание беше аудио-визуелно-техничкиот агол на меаната. Во аголот спроти мене се редеа некаде 10тина прекинувачи за струја и што ли не, над нив шкавче со нешто, што најверојатно беше противпожарна опрема или кој знае што. Погоре, веќе на 3тиот метар, полица со телевизор. На 3 и пол метри од земјата, над телевизорот, огромен збучник. Сето ова одлично надополнето со еден клима уред најгоре... Помалку ми личеше на кула од домина.
Музиката, која во првиот момент многу не ја заприметив, почна да се избиструва. Меаната, со еден збор е... меана од Жикина династија, Лепа Брена и 7 Млади преовладуваа. Права биртија.



photo © rante

Конечно почна тука да се реди масата со храна. Прво салатата. Зелка, сезонско растение во ова доба. Она што ми влеа надеж и доверба беше моментот што салатата беше совршено подготвено и зачинета, со доволно киселина и сосем малку масло. Немаше потреба да се додава ништо. Потоа дојде и месото. Му улетав прво на домашниот колбас. Дебел, одлична смеса со парчиња месо, сувичок, мерак. Можеби само моментот што имаше и по некоја жила па потешко се сечеше му беше единствена мана, сепак имав чувство дека јадам парченца месо, а не некоја безлична смеса во црево.
Плескавицата, таканарачена ловеча, беше следното на ред. На изглед и големина како и секоја друга ловечка: мелено месо со трчи, трчи кашкавал. За кашкавалот внатре не можам многу да коментирам со оглед дека беше, не само стопен туку и препечен и малку зацрнет, така да само крцкаше в уста. Месото од плескавицата за момент ме потсети на првите плескавици од Чичко Стоилко и можеби Генрација М. Мелено месо за кое не можеш да откриеш од што е направено, толку ситно мелено, како да сакаат да прикријат што има се внатре. Вкусот не беше лош, но искрено, не би ја препорачал ловечката на друг.



photo © rante

Хајлајт на меаната е нејзината локација, а тоа е веднаш до пазарот, а точно пред Боеми, тезга држи Прилепската ’Саманта’. Така да искуството е комплеметарно: јадеш и се забавуваш набљудувајќи ја околината.


rante | 06.03.2006 | twitter